Силјановска-Давкова: Огромната поддршка обврзува за промени и брзи резултати
По објавувањето на резултатите од првиот круг, кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Силјановска-Давкова се заблагодари за поддршката од граѓаните. Ако биде потврден изборот во вториот круг вети соработка со партијата што ја предложи, со владата, но и со опозицијата. Огромната поддршка обврзува за промени и брзи резултати. Ова е победа на народот, цунамито се крена, а на 8-ми мај ќе ги потопи целосно, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски…

Резултатот од првиот круг на претседателските избори Силјановска-Давкова го оквалификува како неверојатно инспиративен за неа. Истакна дека е горда пред сè на граѓаните, не само на оние кои гласале за неа, туку и на другите. Кандидатката за претседател од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нагласи дека ако влезе во вила Водно, ќе соработува со партијата што ја предложи, со премиерот, со министрите, но и со опозицијата. Шефот на држава мора да биде натпартиска личност, да слуша, да докажува, да инспирира, да го исполнува ветеното.
Народот покажа дека ја сака Македонија
„Македонија за да биде горда, мора да биде слична на останатите демократски држави, да биде стандардна, да биде втемелена на владеење на правото, да биде посакувано, навистина пристојно место за политички натпревар. Македонија не може да биде само моја, Македонија мора да биде на сите вас, да биде твоја, ваша, па нека биде и наша тогаш“, изјави Гордана Силјановска-Давкова, кандидатка за претседател.
Народот покажа дека си ја сака Македонија и дека секој оној кој го потценува, прави голема грешка. Зборувавме дека многу работи ќе се случат, не ни веруваа, не потценуваа, не напаѓаа и од внатре, ни се закануваа, се обидуваа да не делат, се обидуваа да ја делат Македонија, користеа структури од минатото на ВМРО-ДПМНЕ, но ние издржавме. Пораката е јасна, Македонија не се плаши и се враќа во рацете на народот, кажа Мицкоски.
Поубедлив резултат на 8-ми мај
„Ова е најдобриот резултат што ВМРО-ДПМНЕ го имала од позиција на опозиција. Над 600 илјади луѓе гласаа против власта, ова е победа на народот, цунамито се крена, а на 8-ми мај ќе ги потопи целосно. Имаме обврска да им ги срушиме сите идеи за калкулации и предавство. Ова е револуција на народот на Македонија. Работата не е завршена, а власта не е нималку наивна. На 8-ми мај е потребен убедлив резултат, јасна победа врз оваа криминална и корумпирана власт“, нагласи Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека ги почитува уверувањата на другите и дека никој не смее да го плаши народот. Мицкоски порача дека единствено треба да се плашат тие што се огрешиле кон законите и кон народот и како што рече, за тоа ќе одговараат.
Милчо Велески
