Таткото на Вања оди во куќен притвор
По одржаната седница, Советот за казниви дела донесе решение со кое неговата жалба преку адвокатот Владимир Туфегџиќ се уважува, а притворот се заменува со куќен притвор и мерка на претпазливост.

Таткото на Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски оди во куќен притвор, одлучи денеска Врховниот суд. По одржаната седница, Советот за казниви дела донесе решение со кое неговата жалба преку адвокатот Владимир Туфегџиќ се уважува, а притворот се заменува со куќен притвор и мерка на претпазливост.
„Врховниот суд на Република Северна Македонија ја известува јавноста дека по одржаната јавна седница на ден 25.04.2024 година, Советот за казниви дела донесе Решение со кое жалбата на обвинетиот А. Ѓ., изјавена преку неговиот бранител Владимир Туфегџиќ, адвокат од Скопје, ја уважи, a решението на Апелационен суд Скопје КСЖ-320/24 од 02.04.2024 година, го преиначи на начин што определената мерка притвор против обвинетиот А.Ѓ. ја укина и за обвинетиот определи мерка куќен притвор и мерка на претпазливост“, соопштија од Врховниот суд.
Врховниот суд денеска одржа јавна седница по жалбата на осомничениот Александар Ѓорчевски, против решението на Апелацискиот суд Скопје за мерката притвор. Ова е втора јавна седница пред Врховниот суд по мерката притвор на таткото на Вања, откако во март годинава Врховен ја одби како неоснована жалбата против мерката притвор на Ѓорчевски, по решението на Апелацискиот суд Скопје.
