Пешев: Нема индикатори за нов ценовен бран
Се радувам на тоа да видам какви ќе бидат првите потези на некоја нова влада ако се формира, рече Пешев.

Во овој момент нема индикатори кои укажуваат на евентуален нов ценовен бран, изјави денеска извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев. Нагласи дека државата се наоѓа пред политичка промена во управувањето. Се радувам на тоа да видам какви ќе бидат првите потези на некоја нова влада ако се формира, рече Пешев.
„Овојпат се надевам дека ќе биде таква добитната комбинација која ќе излезе од парламентраните избори особено, зашто таа ни е посебно битна – она што сме го договориле, па макар и не било 100 отсто во интересите на економијата, да се спроведе доследно и да биде предвидливо за да можат компаниите да го приспособат своето функционирање на новите услови“, истакна Пешев, одговорајќи на новинарски прашања во врска со вчерашниот изборен ден.
За промените на цените на нафтата во светски рамки и можноста тие да повлечат евентуални нови поскапувања, Пешев смета дека засега нема индикатори кои говорат во тој правец. Тој и во оваа прилика напомена дека е многу побитно тоа што земјава сè помалку произведува храна, а увозот се зголемува.
