Избори 2024

Јакимовски го призна поразот

25.04.2024 15:41

Според Државната изборна комисија Стевчо Јакимовски освои најмал број гласови на претседателските избори. Резултатите не се тоа што го очекувал, а дали граѓаните одлучиле правилно или не, ќе покажело времето. ГРОМ продолжува со активности за парламентарните избори...

Стевчо Јакимовски-претседателскиот кандидат на коалицијата Храбро за Македонија го призна поразот на првиот круг претседателски избори. Според Државната изборна комисија тој освои најмал број гласови односно под 1 процент од гласачите довербата му ја дале на Јакимовски. Лидерот на ГРОМ рече дека резултатите не се тоа што го очекувал, а дали граѓаните одлучиле правилно или не, ќе покаже времето.

Резултатите се далеку од очекуваните, вели Јакимовски

„Резултатите секако дека не се задоволувачки. Далеку се од очекувањата. Но, битно беше дека граѓаните на Република Македонија имаа избор. Бираа меѓу седум свои кандидати. Дали биле во право со тоа што го избрале, после пет години ќе видиме дали изборот бил добар“, изјави Стевчо Јакимовски.

Иако Јакимовски излезе од трката за претседател на државата, ГРОМ продолжува со активности за парламентарните избори. Во освојување на довербата за поголем број на пратеници во Законодавниот дом потпретседателката на ГРОМ и носителка во Изборната единица 1 на Коалицијата „Храбро за Македонија“, Добрила Андоновска, во интервју за МИА вели дека во нејзин фокус ќе бидат реформите во здравството, образованието, социјалните реформи.

ГРОМ продолжува со активности за парламентарните избори

Во однос на тоа со кого би коалицирале, дали со СДСМ или со ВМРО-ДПМНЕ, вели дека преферираат да останат во опозиција доколку не се согласуваат со генералните политики.

За предлогот на албанските партии претседателот на државава да се избира во Парламентот со двотретинско мнозинство, Андоновска вели дека тоа не е добро, затоа што сепак граѓаните сите треба да одлучуваат кој ќе биде претседател на државата, а не партиите.

 

Марина Стојанова-Тонева