СДСМ: Резултатите не се какви што очекувавме, но нема откажување
Резултатите од изборите не се какви што очекувавме, но нема откажување, рече претседателскиот кандидат поддржан од СДСМ и од Коалицијата, Стево Пендаровски. Истакна дека е убеден оти мнозинството граѓани во вториот круг ќе се определат за неговиот концепт За европска Македонија, а не за изолација. Лидерот на СДСМ Ковачевски, рече дека нема да се предадат и во вториот круг ќе се борат да ги убедат граѓаните да дадат поддршка За европска Македонија...

Ден по првиот круг од изборите за претседател, кандидатот на СДСМ и Коалицијата Стево Пендаровски најави кампања од почеток. Не се надевал на ваков резултат, очекувал разликата во освоените гласови да биде помала. Но, вели дека во наредните две недели на средби со граѓаните ќе продолжи да го промовира концептот за држава без поделби, демократска и интегрирана во Европската Унија. Пендаровски повтори дека од стартот на кампањата имал 80 митинзи на кои ја претставил европската визија за Македонија. Вели дека нема да учествува во заткулисни договарања и пазарења за гласовите на албанскиот електорат откако ниеден од кандидатите од албанскиот политички кампус не обезбеди пласман во вториот круг.
Коалицијата нема да се откаже од европска иднина
Партискиот лидер и носител на пратеничката листа во единицата Димитар Ковачевски оцени дека изборите поминале во фер и демократска атмосфера. И тој се надевал на подобри резултати, но повтори дека Коалицијата што ја предводи нема да се откаже од европската иднина на земјата. Повика на обединување околу идејата за напредок, затоа што како што рече – не постои друга алтернатива за нас освен европската и затоа е потребно да се остават несогласувањата настрана, да се искористи шансата и земјата да се движи по вистинскиот курс.
Поголема излезеност во вториот круг
Ковачевски му порача на кандидатот за претседател Пендаровски дека борбата е заедничка. Ќе се бориме рамо до рамо – рече Ковачевски, затоа што е ова најважната битка за иднината на земјата. Во однос на очекувањата од вториот круг, претседателот на СДСМ одговори дека на изборите учествува за да победи и дека изборите не се Олимписки игри каде што е важно само да се учествува. Освен на победа тој се надева и на поголема излезност во вториот круг. Дотогаш рече дека со неговите сопартијци ќе ја промовираат изборната програма со цел да добијат поголема поддршка на 8-ми мај.
Анита Димитријевска – Велковска
