Узурпиран имот на МРТ во Штип
Ќе има ли брза разрешница и враќањето во владение на имот на МРТ во Штип, имот кој со години бесправно се користи од страна на лице против кое е поднесена пријава за организиран криминал. Денес Општина Штип почна со рушење на бесправната доградба на објектот на МРТ, која е поставена од страна на узурпаторот...

Објект во сопственост на МРТ во центарот на Штип со години е узурпиран, од неодамна целосно е заѕидан и на површината пред објектот на градскиот плоштад, направена е доградба без одобрение од Општина Штип. Денес почна рушењето на доградбата по одлука на надлежниот градежен инспекторат.
Од Општината, информираат дека се работи за законска постапка за отстранување на бесправно поставена урбана опрема пред објект кој не е во сопственост на лицето кое ја поставува опремата.
Марјан Михов, човекот кој преку своите фирми со години го узурпира имотот на МРТ, вели дека во прашање е политички реваншизам.
За бесправното користење на имот на МРТ, телевизијата води долгогодишна судска постапка која се одолговлекува со отворање на нови фирми од страна на Михов, после секоја тужба од МРТ, од каде е поднесена и пријава за организиран криминал.
Славица Величковска
