ОДИХР

Конкурентни избори што се одржаа во мирна и демократска атмосфера – оценка на ОБСЕ/ОДИХР

25.04.2024 16:52

Претседателските избори беа конкурентни и севкупно добро спроведени, но обележани со одредени законски празнини и негативна реторика – оценка на Меѓународните набљудувачи.

Конкурентни избори што се одржаа во мирна и демократска атмосфера со присутна негативна реторика, што ја зголеми политичката фрагментација и етничката поделба, е оценката на набљудувачите од ОДИХР за првиот круг од претседателските избори.

„Празнините во изборното законодавство и избрзаното усвојување на законските измени не успеаја да ја решат долгогодишната потреба од законски реформи“, изјави Џилијан Стирк-шеф на Набљудувачката мисија.

Меѓународните набљудувачи имаат забелешка за правилата за кампањата. Велат пристапот до медиумите и распределбата на државното финансирање не се регулирани.

„Претседателските избори беа добро организирани и кандидатите можеа слободно да се изразуваат во текот на кампањата, со што на гласачите им се овозможи да направат информативен избор“, изјави Алфред Хеер-шеф на набљудувачи од Советот на Европа.

Набљудувачите со забелешки за известувањето на порталите што не се регулирани. Регистрирале и случаи на групно и семејно гласање и несогласувања за записниците во 47 општински изборни комисии.

 

 

Ирина Гелевска