Продолжува притисокот на руските сили врз украинската војска
Се погласни најавите дека САД ќе објават нов пакет помош во оружје за Украина, вреден шест милијарди долари. На фронтот, украинската војска под притисок од руските сили, воздушни бомбардирања и артилериски оган...

Украинската армија е под притисок од руските сили и под постојани копнени напади, воздушни бомбардирања и артилериски оган. Киев ги повлекува тенковите „Абрамс“ од бојното поле, бидејќи не може да ги заштити од напади со беспилотни летала.
„Новиот пакет помош од Соединетите држави ни дава дополнителна сила да се одржиме. Разбираме дека во најкус можен рок ќе можеме да почувствуваме поголема способност да го погодиме непријателот со артилериски системи. Треба да биде јасно дека кога ќе имаме доволно артилериска муниција, ќе го држиме непријателот на безбедно растојание“, изјави полковник Серхи Осачук, служба за државна гранична стража.
Макрон предупреди дека главна закана за ЕУ е војната во Украина
Францускиот претседател Макрон повика на посилна и поинтегрирана европска одбрана и предупреди дека главната закана за европската безбедност е војната во Украина. Кина мора да престане да и помага на Русија во војната против Украина ако сака да има добри односи со Западот, изјави генералниот секретар на НАТО Столтенберг.
„Русија ја уништува инфраструктурата на Украина, вклучително и големите електрани. Кина ја поддржува руската воена економија, споделувајќи со Русија висока технологија. Пекинг продолжува да го поттикнува најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.
Кина да престане да и помага на Русија, повикува НАТО
Врските на Пекинг и Москва примарна тема на посетата на Блинкен на Кина. Администрацијата на Бајден тврди дека кинеската поддршка и овозможи на Москва да ги поништи западните санкции и да ги засили нападите врз Украина.
„Ние секогаш повикуваме на почитување на основните интереси и ги повикуваме САД да не се мешаат во внатрешните работи, да не го кочат развојот и да не газат на црвените линии за суверенитетот, безбедноста и развојот на Кина“, изјави Ванг Ји, министер за надворешни работи на Кина.
„Важно е да се осигуриме дека сме на чисто за областите каде што имаме разлики. Во најмала рака да избегнеме недоразбирања и погрешни пресметки кои навистина се заедничка одговорност, не само за нашиот народ, туку и светот“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.
Блинкен пристигна во Кина во средата, непосредно пред претседателот Бајден да го потпише пакетот странска помош од 95 милијарди долари за Украина, Израел и Тајван.
Маријана Димовска
