Украинската армија под силен притисок од руските сили
Украина се брани од интензивните руски напади. Жестоки битки во неколку правци. Американскиот државен секретар Блинкен е во посета на Кина.Врските меѓу Пекинг и Москва тема на разговорите.Кинескиот државен врв со предупредување, не ги преминувајте црвените линии...

Украинската армија е под притисок од руските сили и под постојани удари од копно и воздух. Расте бројот на држави што ветуваат помош. Киев ги повлекува тенковите „Абрамс“ од бојното поле, не може да ги заштити од напади со беспилотни летала. Од Москва велат дека странските советници и помагаат на Украина да подготви саботажа на руска територија.
„Новиот пакет помош од Соединетите држави ни дава дополнителна сила да се одржиме. Разбираме дека во најкус можен рок ќе можеме да почувствуваме поголема способност да го погодиме непријателот со артилериски системи. Треба да биде јасно дека кога ќе имаме доволно артилериска муниција, ќе го држиме непријателот на безбедно растојание“, изјави полковник Серхи Осачук, служба за државна гранична стража.
Врските на Пекинг и Москва примарна тема на разговорите на американскиот државен секретар Блинкен со високи државни претставници во Кина, вклучително и со претседателот Си Џинпинг.
„Ние секогаш повикуваме на почитување на основните интереси и ги повикуваме САД да не се мешаат во внатрешните работи, да не го кочат развојот и да не газат на црвените линии за суверенитетот, безбедноста и развојот на Кина“, изјави Ванг Ји, министер за надворешни работи на Кина.
Кинескиот државен врв со предупредување до САД
Посетата следува неколку дена откако Бајден го потпише пакетот помош од 95 милијарди долари за Украина, Израел, Тајван и Индо-Пацификот. Кинескиот државен врв со предупредување до САД, не ги преминувајте црвените линии.
„Важно е да се осигураме дека сме на чисто за областите каде што имаме разлики. Во најмала рака да избегнеме недоразбирања и погрешни пресметки кои навистина се заедничка одговорност, не само за нашиот народ, туку и светот“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.
Кина мора да престане да и помага на Русија во војната против Украина ако сака да има добри односи со Западот, изјави генералниот секретар на НАТО Столтенберг.
„Русија ја уништува инфраструктурата на Украина, вклучително и големите електрани. Кина ја поддржува руската воена економија, споделувајќи со Русија висока технологија. Пекинг продолжува да го поттикнува најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.
Администрацијата на Бајден тврди дека кинеската поддршка и овозможи на Москва да ги поништи западните санкции и да ги засили нападите врз Украина.
Маријана Димовска
