Србија

Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ денес ги распиша локалните избори

26.04.2024 12:09

Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ денеска распиша избори за 2-ри јуни во 66 единици на локалната самоуправа, на ист ден кога ќе се одржат веќе закажаните избори за собранието на град Белград. Изборите во градските општини во Белград, Ниш и Пожаревац исто така ќе се одржат на 2-ри јуни и нив треба да ги распишат претседателите на локалните собранија....

Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ денеска распиша избори за 2-ри јуни во 66 единици на локалната самоуправа, на ист ден кога ќе се одржат веќе закажаните избори за собранието на град Белград.

„Како резултат на успешниот дијалог меѓу парламентарните партии, исполнети се условите за распишување избори во 66 единици на локалната самоуправа. Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во градското собрание на Белград, односно на 2-ри јуни годинава. Драго ми е што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани претставници сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, изјави Ана Брнабиќ Претседател на Собранието на Р. Србија.

Изборите во градските општини во Белград, Ниш и Пожаревац исто така ќе се одржат на 2-ри јуни и нив треба да ги распишат претседателите на локалните собранија.

Локални избори во 88 општини

Со ова локалните избори ќе се одржат во 88 општини, односно во оние општини каде што не се одржаа во декември.

За овие избори да се одржат на 2 јуни заедно со белградските, Собранието претходно со двотретинско мнозинство го измени Законот за локални избори, што беше договор меѓу власта и дел од опозицијата, додека другиот дел од опозицијата донесе одлука да не учествува на изборите бидејќи смета дека за нив нема услови.

На овие избори владејачките СНС и СПС ќе настапат во коалиција со една изборна листа, додека најголемите опозициски партии ССП на Ѓилас, ДСС на Милош Јовановиќ и СРЦЕ на Понош ќе ги бојкотираат истите, со што коалицијата Србија против насилството престана да постои.

 

Оливер Бранковиќ