ООН

Одложено гласањето за резолуцијата за Сребреница во ОН, текстот се испраќа на ревизија

26.04.2024 13:05

Гласањето за резолуцијата за Сребреница иако беше најавено за 2-ри мај, нема да се одржи, бидејќи текстот на нацрт-документот ќе биде испратен на ревизија. Сè уште е неизвесно кога ќе биде закажана новата седница на Генералното собрание на ОН, најверојатно датумот ќе биде познат во вторник...

Во седиштето на Обединетите нации во Њујорк се одржуваат неформални консултации за нацрт-резолуцијата со која 11-ти јули треба да се прогласи за меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница. Иако беше првично најавено, гласањето за резолуцијата нема да се одржи на 2-ри мај бидејќи текстот на нацрт-документот се испраќа на ревизија.

Српскиот претседател Александар Вучиќ во Њујорк изјави дека Соединетите Американски Држави, Германија и други земји го засилиле лобирањето за резолуцијата за Сребреница, поради кампањата што Белград ја води против нејзиното усвојување.

Амабсадорот на Босна и Херцеговина во Обединетите нации Златко Лагумџија за медиумите потврди дека седницата нема да се одржи на 2-ти мај. Генералното собрание секако ќе биде по 6-ти мај, во зависност од распоредот на седниците што ќе го знаеме во вторник, рекол Лагумџија. Во документот за резолуцијата, меѓу другото се бара без резерва да се осуди секое негирање на геноцидот во Сребреница, како и дејствијата со кои се величаат осудените за воени злосторства, вклучително и одговорните за геноцидот во Сребреница. Како што соопшти неодамна министерот за надворешни работи Бујар Османи, е една од 17 држави кои ја коспонзорираат резолуцијата на Обединетите нации. Официјален Белград и властите на Република Српска негираат дека бил извршен геноцид во Сребреница во јули 1995 година. Во 2007-та, Меѓународниот суд на правдата во Хаг го окарактеризира злосторството во Сребреница како геноцид. За време на војната во Босна беа убиени повеќе од 8 илјади мажи и момчиња од енклавата под заштита на Обединетите нации, а повеќе од 50 лица се осудени на вкупно околу 700 години затвор.

 

Милчо Велески