Обид да се добие диплома со фалсификувани докумeнти
На Државниот универзитет во Тетово е откриен обид да се добие диплома со фалсификувано уверение...

Наставник од основното училиште „Дрита“ од скопско Копаница доби кривична пријава поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело „Фалсификување на исправа“.
Тетовската полиција ваква кривична пријава до Основното јавно обвинителство поднесе уште против четири лица: професор во средното училиште „Здравко Цветкоски“ во Скопје, професор во тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“, вработен во МВР во Тетово и вработен во приватно обезбедување во Скопје.
Како што информираше полицијата, првопријавениот во април годинава во Државниот универзитет во Тетово приложил уверение за завршено високо образование, барајќи да му се издаде диплома од Филолошкиот факултет за звање професор по англиски јазик.
Но при проверката студентските служби констатирале дека такво уверение не постои, а случајот го пријавиле во полиција.
Веднаш по добиената пријава полициски службеници при СВР Тетово презеле се мерки и активности при што на Државниот универзитет во Тетово било затекнато лицето што барало диплома, како и уште двајца од пријавените. Потоа врз основа на претходно извршена консултација и овластување на Јавното обвинителство лицата се привидени во Полициската станица во Тетово за расчистување на случајот.
При извршените службени разговори пријавените го признале кривичното дело.
„Во октомври минатата година на првопријавиениот во разговор му било ветено дека ќе може да се стекне со уверение за завршено восоко образование за сума од 4 илјади евра, при што истиот се согласил. Тој парите заедно со своите лични документи им ги предал на второ и трето пријавените кои му ветиле дека целата работа ќе биде готова за еден месец. Потоа третопријавениот парите заедно со документите во Тетово му ги предал на четврто пријавениот, а тој пак подоцна на петтопријавениот“, изјави Дејана Недељковиќ – МВР односи со јавност.
Во текот на истрагата и од тетовскиот универзитет потврдиле дека уверението е фалсификат.
Зоран Јованоски
