Блинкен на средби со државниот врв на Кина
Кина и САД да бидат партнери, а не ривали, порака од кинескиот претседател до американскиот секретар Блинкен.Кина мора да престане да и помага на Русија во војната против Украина ако сака да има добри односи со Западот, изјави генералниот секретар на НАТО, Столтенберг...

Пекинг со предупредување до Вашингтон, не ги преминувајте кинеските црвени линии. Американскиот државен секретар Блинкен на средби со државниот врв на Кина. Претседателот Џинпинг одново порача дека е важно двете сили да соработуваат.
Џинпинг: Двете земји треба да бидат партнери, а не ривали
„Двете земји треба да бидат партнери, а не ривали. Во моментов, светот претрпува длабоки промени, а меѓународната ситуација е испреплетена со хаос и промени. Зајакнувањето на дијалозите, управувањето со споровите и унапредувањето на соработката не се само заеднички желби на народите, туку и заеднички очекувања на меѓународната заедница“, изјави Си Џинпинг, претседател на Кина.
Посетата следува неколку дена откако Бајден го потпише пакетот помош од 95 милијарди долари за Украина, Израел, Тајван. Администрацијата на САД тврди дека кинеската поддршка и овозможи на Москва да ги поништи западните санкции и да ги засили нападите врз Украина.
„Видовме напредок во областите на соработка, особено обновувањето на комуникацијата меѓу војската, за борбата против наркотици, за заедничкото размислување за иднината на нашето партнерство во разузнавањето и работа на зајакнување на нашите врски меѓу луѓето. Посветени сме на одржување и зајакнување на линиите на комуникација“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.
Столтенберг: Пекинг мора да престане да и помага на Москва
Рускиот претседател Путин пак, изјави дека планира да ја посети Кина во мај. Генералниот секретар на НАТО Столтенберг вели дека Пекинг мора да престане да и помага на Москва во војната против Украина ако сака да има добри односи со Западот.
„Кина ја поддржува руската воена економија, споделувајќи со Русија висока технологија. Пекинг продолжува да го поттикнува најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.
Украинската армија е под притисок од руските сили и под постојани удари од копно и воздух. Расте бројот на држави што ветуваат помош. Киев ги повлекува тенковите „Абрамс“ од бојното поле, не може да ги заштити од напади со беспилотни летала од Москва велат дека странските советници и помагаат на Украина да подготви саботажа на руска територија.
Маријана Димовска
