Европскиот фронт ја продолжува кампањата за парламентарните избори
Синоќа во Тетово ДУИ ја славеше победата над албанската опозиција предводена од коалицијата „Вреди“. Претседателскиот кандидат на ДУИ, Османи освои над 40 илјади гласа повеќе од неговиот опонент од албанската опозиција Таравари...

Европскиот фронт ја продолжува кампањата за парламентарните избори откако нивниот кандидат за претседател, Бујар Османи не успеа да влезе во вториот круг од претседателските избори. Коалицијата е сè уште без дефиниран став по прашањето, дали и кому ќе ја даде поддршката во вториот круг на претседателските избори. Дел од коалициските партнери веќе ги соопштија своите лични ставови, нагласувајќи дека сепак, крајната одлука ќе ја донесе Европскиот фронт. Еден од нив е и лидерот на народното движење, Скендер Реџепи Зејд, кој вели дека лично, не би гласал ниту за Гордана Силјановска-Давкова, ниту за Стево Пендаровски, бидејќи како што вели, досега не виделе перспектива Македонците да се подготвени да гласаат за етнички Албанец. Зејд со коментар и за повикот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за коалицирање со албанската опозиција „Вреди“.
Граѓаните сакаат силна, европски ориентирана партија
„Нормално е дека Христијан Мицкоски ќе се обиде со послабиот и сервилниот да си направи Влада. Меѓутоа, суверенот во оваа ситуација се граѓаните кои живеат во општините во кои што мнозинството се Албанци и ако тие одлучат дека на 8-ми мај ние ќе ги предводиме Албанците и немакедонците од овие општини, бездруго ние ќе можеме да одлучиме што ќе се случи со иднината“, изјави Скендар Реџепи Зејд, Европски Фронт.
Граѓаните не сакаат слуги на Мицковски и Апасиев, туку силна партија која е европски ориентирана, велат од Европскиот фронт. Ги повикаа лидерите од албанската коалиција „Вреди“ како што велат, да го исполнат ветеното дека ќе дадат оставки во случај на пораз на претседателските избори.
„Тие треба да го одржат својот збор кој го кажаа јавно дека нотаризирале изјави за оставка во случај на пораз со само еден глас, а изгубија со 40 илјади гласови кои ќе станат 80 илјади гласови на 8-ми мај затоа што граѓаните не сакаат изолација, не сакаат слуги на Мицкоски и на Апасиев, туку сакаат да бидат претставувани од силна партија и силна коалиција која е европски ориентирана“, изјави Артан Груби, Европски фронт.
Во првиот круг на претседателски избори во Македонија, кандидатот на ДУИ и на коалицијата Европски фронт, Бујар Османи освои 121.088 гласови или 13, 37 отсто од гласовите.
Во шесте македонски општини со доминантни албански политички партии, Струга, Кичево, Гостивар, Тетово, Сарај и Чаир Европскиот фронт обезбеди околу 60.000 гласови, што е за 15.000 гласови повеќе од Арбен Таравари од коалицијата на албанската опозиција „Вреди“.
Од Европскиот фронт најавија дека на парламентарните избори на 8-ми мај очекуваат двојно поголема победа од таа на претседателските избори.
Марија Котовска
