Македонија

Токсикологија не е осигурана, најавени инспекции и одговорност за менаџментот

26.04.2024 16:12

Поплавени простории на Клиниката за токсикологија. Изминатата ноќ пукнало парното и истекла вода од радијатор. Сега под ризик се наоѓа скапата медицинска опрема. Вработените веќе апелираа дека клиниката два месеца не е осигурана. Министерот Демири најави инспекции и одговорност за менаџментот...

Мокрите прекривки пред влезот на Токсикологија сведочат за синоќешната поплава на оваа Клиника. Поплавени се сите канцеларии на вториот кат, болнички соби од првиот кат, и други простории, се до чекалницата на амбулантата на ОРЛ. До хаваријата дошло поради дефект на парното, пукнала цевка во една од собите и почнала да ги полни сите соседни соби и целиот кат. Медицинскиот директор на клиниката Данил Петровски, вели дека штетата дополнително ќе се утврдува.

„Дежурната екипа веднаш ја повика техничката служба за одржување на парното, но не успеале да го сопрат истекот на водата во следните 40 минути, повикано е лице од клиниката кое помогнало да се сопре водата во главните вентили“, стои во известувањето од Токсикологија.

Токсикологија не е осигурана

Пред неколку дена вработени од клиниката алармираа дека Токсикологија не е осигурана, и е под ризик скапата медицинска опрема. Министерот вели доколку е тоа така, не е законски и за тоа менаџментот на институцијата треба да преземе одговорност, најави инспекциски надзор.

Демири вели дека е направена неправда бидејќи не е дадена согласност од менаџментот за вработување на 18 лица кои 4 месеци не добиваат никаква надомест. Инспекцискиот надзор го обврза менаџментот во рок од 5 дена да најде решение за овие вработени.

 

 

Ана Јосифовска Тодоровска