Продолжуваат партиските активности на СДСМ и коалицијата
СДСМ и Коалицијата денеска продолжуваат со партиски активности и средби со граѓаните. Лидерот на СДСМ ги отфрли наводите дека партијата, наводно, размислувала за бојкот на вториот круг на претседателските избори. Ковачевски, вели дека тоа е неточно и повика на масовност на 8 мај, на парламентарните и вториот круг претседателски избори. Претседателскиот кандидат на СДСМ и Коалицијата Пендаровски, денеска е во посета на Крушево, а Ковачевски со носителите и коносителите на листи вечер е во центарот на главниот град.

„Ја примивме пораката во првиот круг за сите грешки кои ги направивме минатите седум години-граѓаните испратија јасна порака до СДСМ – рече претседателот на партијата, Димитар Ковачевски и додаде дека со крената глава продолжуваат во вториот круг.
Убеден како што рече „знае од што се незадоволни граѓаните“. Тој демантираше дека со Демократската унија за интеграција се подготвува сценарио за бојкот на 8 мај. Напротив, вели Ковачевски повикувам на масовна излезност. Според него Пендаровски е граѓански кандидат и ја бара поддршката од граѓаните, а не од претседателските кандидати коишто не се пласирале во вториот круг.
„Тоа не е точно, јас вчера имав многу јасна порака на митинзите во Сарај и Чучер Сандево. Ги повикувам сите гласачи масовно да излезат на 8 мај и да ги поддржат претседателскиот кандидат Стево Пендаровски и коалицијата За европска иднина на парламентарните избори. Да избереме и претседател и парламентарен состав, Македонија да продолжи на својот пат на европските интеграции“, изјави Ковачевски.
Ковачевски очекува голема поддршка
Ковачевски потенцираше дека очекува голема поддршка и за парламентарните, но и за нивниот претседателски кандидат Стево Пендаровски, рече дека е во комуникација со политичките партии на различни нивоа, и не прецизираше на чија поддршка може да сметаат, имајќи ја предвид двојната предност на нивниот противкандидат.
„Никој не ги има гласачите под своја контрола за да ги наведува како да гласаат“, истакна Ковачевски.
„Денес е нов ден – ја продолжуваме битката со резултат НУЛА-НУЛА. Нема откажување, нема време за малодушност. Да не бараме утехи, затоа што битката за европска Македонија уште не е завршена“, кажа коносителот на парламентарната листа на „Коалицијата за европска иднина“ во ИЕ 2, Фатмир Битиќи на митинг во Чучер Сандево, од каде порача дека СДСМ ја слушна пораката која граѓаните ја испратија на првиот круг претседателски избори.
Според Битиќи ништо не е недостижно, изборите на 8 мај е предизвикот преку кој треба да се сплотат. Коалицијата за европска иднина продолжува со своите активности во центарот на Скопје.
Партијата бара одржување на отчетен конгрес со анализа на резултатите
Што се однесува пак, до прашањето дали првиот човек на партијата, Димитар Ковачевски, ќе поднесе одговорност поради големата разлика меѓу Силјановска-Давкова и Пендаровски во првиот круг претседателски избори, екс-премиерот одговори дека според статутот на партијата бара одржување на отчетен конгрес со анализа на резултатите, потоа следат внатрепартиски избори во кој се бара изјаснување за избор на претседател на партијата како и други партиски органи како Централен одбор, Извршен одбор и потпретседатели.
Марина Стојанова Тонева
