Осигурување

Поскапува регистрацијата на возила

26.04.2024 16:51

Поскапува регистрацијата на возила за најмалку 800 денари до 1.500 денари за едно возило. Националното биро за осигурување се правда дека зголемувањето е реално. Агенцијата за супервизија тврди дека нема основ. На крајот ќе пресече Министерството за финансии, но откако ќе направи анализа. Еве како ќе изгледаат цените. За возило до 55 киловати наместо 5.453 денари, ќе чини 6.292 денари. До 65 киловати 7.116 денари. За 1.100 денари ќе чини до 84 киловати. а најмногу ќе платат оние со автомобил со моќност на моторот од над 110 киловати. Но на овие цени да не заборавиме дека треба да се додаде и за технички преглед.

Поскапеа полисите за задолжително автомобилско осигурување. Компаниите со нови ценовници повисоки за 15,4 проценти. Поскапувањето го правдаат со растот на цените на автоделовите.

Граѓаните револтирани што сега поскапо ќе плаќаат при регистрација.

„Многу трошоци имаме, уште ова ни фалеше“

„Имаме најскапи полиси, најскапи регистрации, сега уште поскапи ќе бидат, не знам до кај ќе оди ова“

„Супер, уште 20 посто нека ги зголемат“

„Во секој случај ќе нè удри по џебот, ама што да правиме немоќни сме“

Ако досега за осигурителни полиси плаќаа 5.453 денари за возило од 44 до 55 киловати сега ќе треба да платат 6.292 денари или речиси 900 денари повеќе. За возилата до 44 киловати цените остануваат исти, за другите поскапувањето е пропорционално во зависност од моќноста на моторот на возилото.

Конечна одлука ќе донесе Финансии в понеделник

Од Агенцијата за супервизија на осигурување, велат ова не е оправдано и бараат враќање на старата цена. Сепак, конечната одлука ќе ја донесе Финансии в понеделник. Мислење ќе побара и од Агенцијата за заштита на конкуренцијата.

„Министерството за финансии, денеска ја свика Комисијата за осигурување од автомобилската одговорност која одржа седница за да ги разгледа сите аспекти од носењето на овие одлуки. Заклучокот е в понеделник на нова седница да се разгледа извештај од националното биро за осигурување за оправданоста и исправноста на донесените одлуки од осигурителните компании и да се преземат соодветни чекори.“ -пишува во соопштението на Министерството за финансии.

Компаниите информацијата за зголемените цени ја добиле во понеделникот, биле известени од Националното биро за осигурување.

Осигурувањето од автомобилска одговорност е задолжително, согласно законот за задолжително осигурување во сообраќајот.

 

 

Андријана Ѓурческа