Презентирана програмата на „Храбро за Македонија“
Носителката во првата изборна единица, Добрила Андоновска од „Гром“ ја презентираше програмата со кои младите, наместо низ светот, би останале да работат и да се образуваат дома.

Младите, образованието и здравството во фокусот на изборната програма на граѓанската опција за Македонија. Носителката во првата изборна единица, Добрила Андоновска ја презентираше програмата со кои младите, наместо низ светот, би останале да работат и да се образуваат дома.
Странски инвеститори во сите области
„Гром“ предлага мерки за привлекување на странските инвеститори во сите области меѓу нив и во индустријата, енергетиката, туризмот кој би придонел за поголем економски развој, а со тоа и повисоки плати и нови работни места кои би ги мотивирале високообразовните кадри да останат во земјата. Дополнително, вели Андоновска мора да се инвестира во образованието, но и да се стави крај на корупцијата.
Ние сме против пазарење пред избори и по избори, вели Добрила Андоновска. Според носителката во првата изборна единица, граѓанската опција за Македонија нема да биде дел од влада која ќе прифати уставни измени без да се затвори целиот пакет.
Мерки за повисоки плати за здравствените работници
Изборната програма на „Гром“ предвидува мерки за повисоки плати за здравствените работници, нови вработувања во здравствените домови, селекција при уписот на медицинскиот факултет. Андоновска смета дека наместо балансер треба да се воведе „мерит“ систем. Во програмата на коалицијата „Храбро за Македонија“ мерки и за намалување на даноците, семејна пензија од 25.000 денари и да се замрзнат несуштинските трошења на администрацијата.
Викторија Милевска
