Шест милијарди долари-нова транша помош од САД за Украина
Руските воени сили продолжија со напади врз енергетската инфраструктура. Ракетирани три украински региони...

Руските воени сили продолжија со напади врз енергетската инфраструктура. Ракетирани три украински региони. Оштетена е дел од опремата, а најмалку еден работник е повреден. Во истовреме, Пентагон најави нова транша од 6 милијарди долари од пакет-помошта за Украина тешка 61 милијарда долари. Соопшти дека ќе испрати дополнителни ракети „патриот“ за системите за противвоздушна одбрана кои ќе се обезбедат преку договори со одбранбената индустрија или со партнери што ќе значи дека ќе и треба повеќе време за да стигне до бојното поле. Киев сè уште може да ги постигне целите во војната со поддршка од западот, изјави Зеленски.
„Ова е најголемиот пакет за безбедносна помош што го обврзавме досега. Ќе вклучува пресретнувачи за системите за воздушна одбрана на Украина „патриот“ и „насамс“, системи за контра беспилотни летала и опрема за поддршка, артилериска муниција и муниција од воздух – земја. Навистина се трудиме да стигнат што е можно побрзо до Украинците, оваа работа продолжува“, изјави Лојд Остин, секретар за одбрана на САД.
„Иако за половина година, додека чекавме одлука за американската поддршка, руската армија успеа да ја преземе иницијативата на бојното поле, сепак сега можеме не само да го стабилизираме фронтот, туку и да продолжиме напред, постигнувајќи ги целите во војната. Итно ни требаат системи и ракети „патриот“ за нив. Тие навистина можат да ја променат ситуацијата сега“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
