Вашингтон испраќа дополнителни ракети за Украина „патриот“, но не и системи
6 милијарди долари – нова транша помош од САД за Украина. Вашингтон испраќа дополнителни ракети „патриот“, но не и системи. Киев тврди сè уште може да ги постигне целите во војната со поддршка од Западот. Системите се неопходни. Шефот на руската одбрана ги обвини САД и Западот за двојни стандарди. На фронтот-жестоки борби на двете страни...

САД објавија нова транша помош за Украина од 6 милијарди долари. Ќе и испратат дополнителни ракети „патриот“, но не и системи за нивно лансирање.
„Навистина се трудиме да стигнат што е можно побрзо до Украинците. Би истакнал дека не се потребни само „патриот“, туку и други видови системи и пресретнувачи. Да создадеме интегрирана воздушна и противракетна одбрана која навистина ќе направи пресврт“, изјави Лојд Остин, секретар за одбрана на САД.
Киев сè уште може да ги постигне целите во војната со поддршка од Западот, но системите се неопходни, изјави Зеленски.
„Додека чекавме одлука за американската поддршка, руската армија успеа да ја преземе иницијативата на бојното поле. Сега, можеме не само да го стабилизираме фронтот, туку и да продолжиме напред, постигнувајќи ги целите во војната, но итно ни требаат системи „патриот“ и ракети за нив“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Украинскиот шеф на дипломатијата го повика Западот да донесе брза одлука.
„Западот ја губи војната во трката на одбранбените индустрии, Русија веќе има развиено ефикасна база. Овој процес мора да се забрза. Време е да се заокружат дискусиите и да се донесат одлуки за обезбедување на системи за Украина“, изјави Дмитро Кулеба, министер за надворешни работи на Украина.
Шефот на руската одбрана Шојгу на средба со неговиот кинески колега во Казахстан. Ги обвини САД и Западот за двојни стандарди.
„САД прво го создадоа, а сега намерно го влечат конфликтот во Украина. Покажувајќи наводна желба за деескалација, колективниот запад продолжува да го пумпа Киев со оружје, кој со нивна тивка согласност, го користи за да предизвика штета на цивилната инфраструктура на Руската федерација“, изјави Сергеј Шојгу, министер за одбрана на Русија.
На фронтот, руските воени сили продолжија со жестоки напади. Гранатиран украински воен магацин, погодени рафинерии. Москва тврди соборила над 60 дронови над Краснодарск и Крим. Украина обвинува за напад врз болница во Харков. Киев потврди дека се оштетени четири електрани, има и повредени работници.
Бојана Крстевски
