Русија сериозно оштети четири украински термоелектрани
6 милијарди долари – нова транша помош од САД за Украина. Вашингтон испраќа дополнителни ракети патриот, но не и системи. Киев тврди сè уште може да ги постигне целите во војната со поддршка од Западот. Системите се неопходни. Шефот на руската одбрана ги обвини САД и Западот за двојни стандарди. На фронтот-жестоки борби на двете страни...

Во руски напади оштетени четири украински електрани. По напад со дронови на силите на Киев, рафинеријата во Краснодарската област делумно е суспендирана. Москва тврди соборила над 60 дронови на руска територија. Украина обвинува за напад врз болница во Харков.
„Бев многу исплашена за болните и за себе. Тие удираат во цивилни објекти. Овде имаме 51 пациент, сите истрчаа во ходникот, исплашени, врескајќи“, изјави Викторија Белјаева, медицинска сестра.
На удар и украинските железнички линии, Русите во обид да ја оневозможат испораката на американско оружје. Зеленски со апел до Западот. Бара итна испорака на помош.
„Сега, можеме не само да го стабилизираме фронтот, туку и да продолжиме напред, постигнувајќи ги целите во војната, но итно ни требаат системи „патриот“ и ракети за нив“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Пентагон најави нова транша помош од 6 милијарди долари за Киев. Испраќаат дополнителни ракети „патриот“, но не и системи за нивно лансирање.
„Би истакнал дека не се потребни само „патриот“, туку и други видови системи и пресретнувачи. Да создадеме интегрирана воздушна и противракетна одбрана која навистина ќе направи пресврт“, изјави Лојд Остин, секретар за одбрана на САД.
Шефот на руската одбрана ги обвини САД и Западот за двојни стандарди.
„САД прво го создадоа, а сега намерно го влечат конфликтот во Украина. Покажувајќи наводна желба за деескалација, колективниот запад продолжува да го пумпа Киев со оружје, кој со нивна тивка согласност, го користи за да предизвика штета на цивилната инфраструктура на руската федерација“, изјави Сергеј Шојгу, министер за одбрана на Русија.
Кремљ нагласува дека во моментов нема основи за мировни преговори меѓу Москва и Киев, бидејќи како што рече портпаролот Песков, на сите им е добро познат ставот на Украина да не прифаќа никакви преговори.
Бојана Крстевски
