Здравство

Стивнува големата кашлица

27.04.2024 16:23

Стивнува големата кашлица, за 40 насто помалку заразени за една недела. Демнее стравот од ширење на малите сипаници. Вакцинација за колективен имунитет - порачуваат надлежните...

Стивнува големата кашлица. За една недела речиси двојно е намален бројот на заболени. Заразени се 27-мина, а четворица се хоспитализирани, покажува извештајот на институтот за јавно здравје. Вирусот најмногу ги напаѓа децата на возраст до 14 години. Слабиот одѕив за вакцинација доведе до епидемија. Иако 58 проценти кои ја пропуштиле вакцината против голема кашлица се имунизирани, тоа не е доволно за колективен имунитет.

„Последните бројки покажуваат благо зголемување на опфатот кај сите вакцини и ревакцини, но за жал далеку е од препорачаните 95 проценти на национално ниво“, изјави Бранка Величковска, претставник од Министерството за здравство.

Надлежните предупредуваат – на земјава и се заканува епидемија и со мали сипаници.

„Од докторите совети слушаме, треба да се вакцинира редовно, нема зошто да размислуваме на таа тема“.

„Нашите деца беа вакцинирани и нашите внуци се вакцинирани. Сметам дека треба да се вакцинира и да се мисли не само за здравјето на своите деца, туку за колективното здравје за сите деца“.

„Редовно е вакцинирана, согласно календарот за имунизација, ставот е јасен и препорака од сите релевантни фактори е да се вакцинираат редовно“.

Повик до родителите да ги имунизираат децата стигна и од СЗО и УНИЦЕФ.

„Сите ги сакаме децата, па ајде сите заедно да се потрудиме да ги заштитиме од разболување, тешко попречености и од смрт“, изјави Патриција Ди Џовани, претставник од УНИЦЕФ.

„Она што се обидуваме е да ги поттикнеме родителите да ги вакцинираат своите деца, да ги надоместат пропуштените вакцини затоа што во спротивно она што го гледаме во светот е појава на болести кои се превентабилни“, изјави Ане Јохансен, претставник од СЗО.

Тимови од лекари и медицински сестри ќе посетат 3.000 семејства на невакцинирани деца – фокусот ќе биде ставен на вакцините кои штитат од голема кашлица и од мали сипаници.

 

 

Андријана Ѓурческа