Ахмети ја презентираше програмата во Кичево
Европскиот фронт предводен од Демократската унија за интеграција на средби со граѓаните во Кичево. Лидерот на ДУИ и носител во шестата изборна единица Али Ахмети задоволен од освоените гласови на Бујар Османи на првиот круг од претседателските избори. Очекува уште поголема излезност и победа за Европскиот фронт и на изборите закажани за 8-ми мај...

Во првиот круг од претседателските избори излеговме со многу добар резултат, ние сме во предност, сметам дека во вториот круг од претседателските и за парламентарните избори, излезеноста на граѓаните ќе биде уште поголема и тоа со повеќе гласови за европскиот фронт, порача од Кичево лидерот на Демократската унија за интеграција и носителот во шестата изборна единица Али Ахмети. Ние како коалиција Европски фронт имаме изборна платформа која е унапредена и содржинска и имаме обврска да го исполниме тоа што сме го ветиле пред граѓаните порача Ахмети.
„Ние за овој период ги имаме слушнато потребите кои ги имаат нашите граѓани, така што ветуваме дека ќе ги реализираме бидејќи имаме капацитет и визија. Голем оптимист сум дека во вториот круг како за претседателските така и за парламентарните избори, резултатите ќе бидат во уште поголема предност. Европскиот фронт нема намера да ја заостри реториката бидејќи ние функционираме во рамките на демократијата, и би препорачал и на другите политички чинители да не навредуваат да се почитуваат едни кон други, затоа што на граѓанинот треба да му се даде простор да ја слушне изборната платформа и тоа што ние го нудиме. И затоа ние треба да бидеме одговорни пред народот затоа што тој го дава неговиот глас“, рече Ахмети.
Првиот човек на интегративците задоволен од резултатот кој го постигна нивниот кандидат Бујар Османи на првиот круг од претседателските избори. Прашан кому ДУИ ќе ја даде поддршката во вториот круг, претседателот Ахмети вели дека сè уште се анализираат бројките, а на оваа тема најави дека ќе разговора и со коалционите партнери кои се дел од Европскиот фронт.
„Сè уште немам направено никаква средба со коалициските партнери да се разговара за оваа тема. Треба да ја анализираме целата ситуација. Сите ја знаат нашата определба, тоа е „да“ за Европа, „не“ за Русија и сите тие кои се определени дека нашата земја треба да биде дел од ЕУ. Треба да се поддржи оваа определба како единствено решение за нашата земја да биде унапредена“, рече Ахмети.
Главен фокус на програмата на коалицијата Европски фронт предводена од Демократската унија за интеграција е членството во Европската унија. Ахмети најави поддршка за сите оние кои гласно велат да за Европската унија не за Русија, според него нема да има партнерство со политички партии кои се против уставните промените и евроатлантскиот пат на државата. Граѓаните не сакаат слуги на Мицковски и Апасиев, туку силна партија која е европски ориентирана, велат од Европскиот фронт. Ги повикаа лидерите од албанската коалиција „Вреди“ како што велат, да го исполнат ветеното дека ќе дадат оставки во случај на пораз на претседателските избори. Во првиот круг на претседателски избори во Македонија, кандидатот на ДУИ и на коалицијата Европски фронт, Бујар Османи освои 121.088 гласови или 13, 37 отсто од гласовите. Од Европскиот фронт најавија дека на парламентарните избори на 8-ми мај очекуваат двојно поголема победа од таа на претседателските избори.
Викторија Милевска
