Коалицијата на СДСМ потсетува на 27-ми април
Борбава и формално правно и политички почнува од нула како да немало прв круг, на 8-ми мај ќе славиме и во цела Македонија – порача Стево Пендаровски поддржан од коалицијата „За европска иднина“. Ковачевски вели СДСМ е единствената политичка сила која има моќ, знаење, да ја внесе државата во ЕУ, а носителот на листа говореше за случувањата на 27-ми април...

Претседателскиот кандидат на СДСМ Пендаровски од Крушево посочувајќи дека меѓуетничките односи и темелите на нашата држава се потпираат на идејата, на концептот на крушевскиот манифест, порача дека на граѓаните на оваа земја им се потребни подобри услови за живот, подобра економија и поголеми инвестиции, повеќе работни места и можности за младите, за да останат дома, во својата татковина.
Не може да се нарекуваат уставобранители насилниците кои на денешен ден пред седум години упаднаа во Собранието ниту, пак, да бидат помилувани и да им биде простено за стореното, порача од пред зградата на Собранието носителот на листата во втората изборна единица на СДСМ, спасовски. Десничарскиoт режим во тоа време направи удар врз Уставот, државата и демократијата, додаде Спасовски.
И претседателот на СДСМ, Ковачевски на средбите со граѓаните посочи дека ако десничарска партија добие преголема моќ, може да се соочиме со она што го гледавме 11 години. Тоа ќе стави прво крај на нашите ЕУ перспективи, крај на независните медиуми и на независното судство. Тој додаде дека СДСМ е белегот на македонската држава и дека со неа државата ги направила сите клучни процеси за напредок.
Говорејќи за енергетската и економската криза, лидерот на СДСМ, порача дека партијата никогаш не се откажала од своите социјал-демократски вредности и постојано била рамо до рамо со граѓаните помагајќи им со мерки за да им ја ублажат кризата.
Ковачевски, како и кандидатот за претседател, Пендаровски отфрлија можност за бојкот на изборите и повикаа граѓаните на 8-ми мај да излезат во што поголем број за европската иднина на земјата.
Фиљана Кока
