Избори 2024

Митинзи на Пендаровски и СДСМ

28.04.2024 12:56

Нашата историска традиција и нашиот пркос, но и нашата одлучност за евроатлантска иднина на Македонија се најдобар доказ дека ние не се откажуваме и нема да се откажеме, порача лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски од синоќешниот митинг во Гостивар...

Стево Пендаровски, кандидатот за претседател СДСМ кој оствари средба со жителите на Охрид истакна дека луѓето од опозицијата кои бараат мандат се истите луѓе со истите идеи, кои мислат да владеат на ист начин како пред седум години.

Пендаровски се надева на гласови од сите етнички заедници

Само изборот за бројот 1 е рецептот за успех на државата, сè друго е рецепт за продолжена агонија. После првиот круг резултатите се тие, според мое скромно убедување, нема основа за малодушност, разочараност, анемичност. За првпат имаше седум кандидати за претседател, од кои само јас бев претендент да добијам гласови од сите етнички заедници. Сите останати претендираа да добијат гласови само од нивната етничка заедница.

Ви порачувам дека СДСМ никогаш нема да се откаже од своите вредности. СДСМ секогаш била рамо до рамо со граѓаните и за време на сите економски, здравствени и енергетски кризи, рече претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски.

Знам дека ниту на вас граѓаните не ви беше лесно во последните години. Но, ние во ниту еден момент не се откажавме од вас и успеавме да се избориме со енергетската и економската криза. Затоа барам вие да не се откажете од нас, рече Ковачевски.

Ковачевски: Изборите на 8-ми мај ќе бидат тешки за сите

Изборите на 8-ми мај истакна Ковачевски ќе бидат многу тешки за сите.

Ние сме ја имале вашата поддршка и кога било најтешко и ве потсетувам дека резултатот сè уште не е одлучен. Порешителни и пообединети од кога било ќе продолжиме да се бориме и да ја оствариме нашата заложба да ја видиме Македонија во ЕУ, додаде претседател на СДСМ Ковачевски.

И ние сме луѓе од крв и месо и нас не болат неправдите кои доаѓаат однадвор и сите тешки одлуки и за името, и за односите со соседите, рече Славјанка Петровска, носител на листата во ИЕ6.

Патриотизам не е да го избришете „Македонија“ од вашиот статут, патриотизам не е да не знаете како се вика вашата држава. Тоа е кукавичлук. Тоа е предавство и затоа уште повеќе ќе се борам за Македонија да биде и членка на ЕУ и да бидеме горди на сето тоа што сме го постигнале досега, дополни Петровска.

Зоран Димовски