ЗЕМЈОДЕЛСТВО

Превентива од африканска свинска чума

29.04.2024 08:11

Ако малите свињарски фарми не ги сфатат сериозно препораките за преземање на соодветните мерки против африканските чума, земјава може да остане без свинско месо, предупредуваат ветеринарите. Заразата не се пренесува од животни на човек но сточарите трпат големи економски штети …

Сточарите кои одгледуваат свињи треба да преземат безбедносни мерки за да се спречи евентуална појава и ширење на болеста африканска чума, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство. Ова важи особено за нерегистрираните, мали семејни фарми кои не посветуваат големо внимание на биосигурносните мерки поради што земјава може да остане без свинско месо.

Објектите не се оградени, немаат бариери, заштита од комарници и не се внимава кој влегува и кој излегува од просторијата.

Од појавата на првиот случај на болеста кај нас во 2022-ра, до денес се регистрирани 62 жаришта, со преку 14.000 уништени свињи што е голема загуба за оваа индустрија.

Болеста од која заболуваат домашните и дивите свињи, не е опасна за човекот, но во сточарството предизвикува големи економски загуби. Таа се пренесува и се шири преку директен контакт меѓу животните, или преку заразена храна и отпадоци од храна, опрема, возила и облека. Периодот на инкубација е од 4 до 19 дена. Смртноста кај домашните свињи може да достигне и до 100 проценти.

 

Методија Трајков