Израел

Дипломатска офанзива за примирје

29.04.2024 09:14

Израел подготвен за инвазија во Рафах. Вашингтон се противи на планот на Тел Авив. Американскиот државен секретар Блинкен во дипломатска офанзива за примирје. Во Каиро нова рунда преговори...

Израел ги одобри плановите за продолжување на војната во Газа. Подготвени за евакуација на населението од Рафах. САД се противат на планот на Тел Авив. Нов телефонски повик на линија Бајден-Нетанјаху. Преговорите за прекин на огнот сè уште се во тек-потврди Белата куќа.

„Она што се надеваме е дека по шест недели привремен прекин на огнот, можеби ќе можеме да постигнеме нешто поиздржливо“, изјави Џон Кирби – портпарол на Белата куќа за национална безбедност.

Делегација на Хамас заминува за Каиро. За да се забрза процесот, во Египет повикани и израелски претставници. Дури и да се постигне прекин на огнот, рече саудискиот министер за надворешни, сè уште ќе треба да се справиме со последиците од конфликтот пошироко во регионот.

„Мора да работиме на тоа. Една од фрустрациите што ја имаме и многумина ја имаат, е тоа што меѓународните механизми за безбедност не функционираа, дури ни на нешто толку основно како хуманитарниот пристап“, изјави принц Фајсал Бин Фархан – министер за надворешни работи на Саудиска Арабија.

Нови израелски воздушни напади врз Рафах, загинати се цивили-тврдат палестинските власти. Во јужен Либан погодени цели на Хезболах-тврди израелската војска. По зачестените удари на двете страни, францускиот министер за надворешни од Бејрут повика на деескалација.

„Војната е веќе тука во јужен Либан, а цивилното население ја плаќа цената. Не е во ничиј интерес да продолжи оваа ескалација. Ја донесов и пренесов оваа порака овде и истата ќе ја пренесам и утре во Израел“, изјави Стефан Сежурне – министер за надворешни работи на Франција.

Продолжува војната и во Црвено Море. Американската одбрана собори пет дрона лансирани од хутите. Американскиот државен секретар Блинкен почнува нова турнеја во обид да се постигне примирје во Газа. По разговорите во Ријад, продолжува во Јордан и Израел.

 

Бојана Крстевски