„Левица“ на промоција на програмата и листата пратеници во Штип
Во идниот собраниски состав „Левица“ ќе биде партијата која ќе го држи курсот на македонизмот, изјави претседателот Апасиев во Штип на промоција на програмата и листата пратеници за третата изборна единица. Прогнозите на Апасиев се дека Левица ќе освои гласови за 8 до 12 пратеници...

На парламентарните избори очекуваме солиден резултат со кој „Левица“ ќе биде партијата којашто ќе го држи курсот на македонизмот, наспроти сите антимакедонски сили кои сакаат да внесуваат Бугари во Устав и да воведуваат дводомен парламент – порача претседателот Димитар Апасиев на народниот собир во Штип.
Формирање на Централна планска агенција
„Левица“ е единствената партија која во фокусот го има обичниот човек кој е во ваква тешка состојба заради три децениското практикување на бизнис политика. Тоа ќе го смениме со неколку мерки, како формирање на Централна планска агенција, која ќе ја развива државата рамномерно со силни државни капацитети, истакна носителот на пратеничката листа на Левица во третата изборна единица.
Очекувањата на „Левица“ се на овие избори да добијат поддршка за осум до 12 пратеници на државно ниво, а од третата изборна единица тројца пратеници. Беше кажано дека „Левица“ е единствената неподмитлива опција кога се работи за националните интереси и само со двајца пратеници покажа на дело дека некои работи можат да се сменат, дека на пример пратениците можат да не земаат патни трошоци и дека можат да се борат за вистинските интереси на македонскиот народ.
Славица Величковска
