Култура

Битолски театар повторно на Стериино позорје

29.04.2024 10:17

Премиерното учество на ансамблот на НУ Народен театар- Битола на престижната сцена во Нови Сад датира од април 1977 година кога битолчани настапија со претставата „Свадбата на Мара“...

Годинава Битолски народен театар го одбележува 80 годишниот јубилеј од своето постоење. Имено, на  14 ноември 1944 година,  почнал со работа професионалниот театар во Битола и  била изведена едночинката на Владо Малески „Петоимениот Ѓоре“. Првите членови и основачи на театарот биле: Јорго Цаца, Вера Вучкова, Димле Стефановски, Ацо Стефановски, Мери Бошкова, Симо Георгиевски, Славче Матевски, Георги Карев и Јован Бејко.

Овој голем јубилеј, Битолски театар ќе го одбележи, меѓу другото, и со учество на фестивалот Стериино позорје, каде се враќа по повеќе од три децении.

Премиерното учество на ансамблот на НУ Народен театар- Битола на престижната сцена во Нови Сад датира од април 1977 година кога битолчани настапија со претставата „Свадбата на Мара“ на Владимир Костов во режија на Љубиша Георгиевски, потоа во 1978 година ја изведоа претставата „Време за пеење“ на Петре М. Андреевски во режија на Слободан Унковски, во 1987 година ја одиграа „Магна карта“ на Марио Роси во режија на Златко Свибен и последен пат учествуваа во 1991 година со „Подземна република“ на Јордан Плевнеш во режија на Владо Цветановски. Годинава од 26 мај до 3 јуни во Нови Сад ансамблот на битолскиот театар ќе гостува со претставата „Брод за кукли“ од Милена Марковиќ во режија на Кокан Младеновиќ.

Во богатата осумдецениска архива на НУ Народен театар-Битола впишани се бројни гостувања во државата, регионот и низ светот, но се чини за јавноста и понатаму во незаборав е култната претстава „Свадбата на Мара“ која во 1977 година најнапред ги освои највисоките одличја на фестивалот МЕСС во Сараево и неколку денови подоцна, токму на Стериино позорје, во полн сјај блесна македонската актерка Јоана Поповска, тогаш наградена за најдобра женска улога на фестивалот.

 

Фото: Фејсбук/ НУ Народен Театар Битола