Свет

Газа во фокус на Светскиот економски форум

29.04.2024 12:07

Војната во Газа продолжи да доминира на Светскиот економски форум во Ријад. На разговори со арапските лидери се приклучи и американскиот државен секретар. Блинкен почнува нова турнеја во обид да се постигне прекин на огнот. Разговорите за примирје меѓу Израел и Хамас продолжуваат во Египет…

Војната во Газа продолжи да доминира на Светскиот економски форум во Ријад. Пристигна и американскиот државен секретар Блинкен. Оттука ја почнува својата нова блискоисточна турнеја во обид да се оконча војната. Офанзивата во Рафах и натаму високо на агендата.

„Сега е најважно да работиме со нашите партнери за да избегнеме напад на Рафах каде што над милион луѓе се раселени. Каков било напад, за тие луѓе ќе биде катастрофа. Треба да дадеме сè од себе и да ги поттикнеме двете страни да постигнат договор за прекин на огнот и да работиме на долгорочната цел за државно решение“, изјави Мостафа Мадбули, премиер на Египет.

Дури и да се постигне прекин на огнот, рече саудискиот министер за надворешни, сè уште ќе треба да се справиме со последиците од конфликтот пошироко во регионот.

„Една од фрустрациите што ја имаме и многумина ја имаат, е тоа што меѓународните механизми за безбедност не функционираа, дури ни на нешто толку основно како хуманитарниот пристап“, изјави принц Фајсал бин Фархан, министер за надворешни работи на Саудиска Арабија.

Преговорите за прекин на огнот се во тек-потврди Белата куќа. Делегација на Хамас замина за Каиро. Во Египет повикани и израелски претставници.

„Она што се надеваме е дека по шест недели привремен прекин на огнот, можеби ќе можеме да постигнеме нешто поиздржливо“, рече Џон Кирби, портпарол на Белата куќа за национална безбедност.

Израел подготвен за евакуација на населението од Рафах. САД се противат на планот на Тел Авив. Нов телефонски повик на линија Бајден-Нетанјаху. Продолжи препукувањето и со Хезболах во Јужен Либан. Францускиот министер за надворешни, од Бејрут повика на деескалација.

„Војната е веќе тука, во Јужен Либан, а цивилното население ја плаќа цената. Не е во ничиј интерес да продолжи оваа ескалација. Ја донесов и пренесов оваа порака овде и истата ќе ја пренесам и утре во Израел“, изјави Стефан Сежурне, министер за надворешни работи на Франција.

Продолжува војната и во Црвено Море. Американската одбрана собори пет дрона лансирани од Хутите.

Бојана Крстевски