САД

Стотици повредени во торнадо во САД

29.04.2024 12:21

Најмалку пет лица загинаа, а стотици се повредени во незапамтеното невреме кое ги погоди централите делови на Соединетите Американски Држави. Околу 70 торнада направија пустош во земјата, уништувајќи илјадници домови...

Екстремните временски непогоди стануваат секојдневие. Жителите на централните американски делови беа сведоци на жестокото лице на климатските промени кои сè почесто го земаат својот данок. Незапамтените, катаклизмични ветришта преточени во десетици торнада, оставија пустош зад себе во Небраска, Ајова и Оклахома, Тексас. Има загинати и повредени.

Прогласена вонредна состојба

Илјадници лица останаа без своите домови, во прекин е електричната енергија, инфраструктурата е целосно уништена. Во 12 окрузи е прогласена е вонредна состојба.

„Ќе се кренеме, ќе исчистиме и повторно ќе изградиме. Сепак, ова се најголемите штети кои ги имам видено откако сум гувернер. Вакво уништување е незабележано досега“, гувернер на Оклахома, Кевин Стит.

„Излегуваш од визбата, доаѓаш горе и гледаш дека немаш куќа. Дома си, но всушност си бездомник“, вели жител на Омаха.

„Ова е чувство на тонење. Ова беше нашиот постојан дом. Двапати се селевме за две години и требаше да завршиме со тоа. Но, сега нема ништо од нашиот дом“, изјави жител на Омаха.

Ветровите ја губат јачината, алармот и натаму вклучен

Од Националната метеоролошка служба соопштија дека некои од торнадата достигнале брзина од над 200 километри на час. Ветриштата беснееја од Тексас до Мисури, а некои места наврнаа 18 сантиметри за неколку часа. Иако, ветровите ја губат својата јачина, алармот и натаму е вклучен. Метеоролозите предупредуваат од можни силни ветрови во североисточните делови на Тексас, Луизијана, Арканзас и Мисури.

 

Маја Стојанова