Пендаровски програмата ја претстави во Маврово-Ростуше, Ковачевски во Крушево
Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски ги повика граѓаните кои се одлучиле да не излезат на гласање во првиот круг, да гласаат на 8-ми мај, на парламентарните избори и вториот круг од претседателските. Заокружувањето на бројот еден е единствена гаранција дека државата ќе продолжи по исправниот пат и нема да се врати назад, рече претседателскиот кандидат Стево Пендаровски...

Заокружувањето на бројот еден е единствена гаранција дека државата ќе продолжи по исправниот пат и нема да се врати назад, рече претседателскиот кандидат Стево Пендаровски пред граѓаните од општина Маврово-Ростуше. На 8-ми мај ќе го чекаме судот на македонските граѓани. Нечесно е кон целиот народ, кон македонските граѓани, да одиш да бараш поддршка, да делиш ресори за да ги дадат гласовите. Но јас ве уверувам дека во гласовите на кандидатите кои отпаднаа има огромно мнозинство кои Македонија ја сакаат ваква – шарена со сите убави бои, со сите граѓани еднакви меѓу себе, со солидарност и со заеднички сили да оди напред, рече Пендаровски.
Ковачевски: Не помислуваме да се откажеме од борбата
Изборите на 8 мај ќе бидат тешки, но ние сме подготвени за резултатот. Ниту во еден момент не помислуваме да се откажеме од борбата, зашто конечниот резултат ќе биде на 8 мај, рече претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на митингот во Крушево.
СДСМ им подава рака и ги повикува сите прогресивни сили на мобилизација. Да не дозволиме државата да застане и да се врати назад во темното режимско минато со внатрешни конфликти и поделби, рече Ковачевски. Не се откажеме од нашата цел за европска Македонија, зашто тоа значи откажување од идејата нашите деца да живеат подобар живот. Основната цел на нашата програма се брзи и успешни преговори со Европската Унија, зашто само така може да обезбедиме повисок животен стандард, поефикасна борба против корупцијата, подобро образование и здравство и владеење на правото, рече Ковачевски.
Митревски побара обединување
Носителот на кандидатската листа во петата изборна единица, Јован Митревски побара обединување, зашто 8-ми мај е клучен ден. Граѓаните ни пратија јасна порака која ја примивме, но сега, државата е на крстопат. Не смееме да дозволиме младите да бидат жртва на политичари кои сакаат да нè вратат назад, рече Митревски.
Беше испратен повик за масовна излезеност на изборите на 8-ми мај.
Елизабета Митреска
