Груевски: Да се затворат прашањата кои и прават штета на државата

22.06.2014 22:28

Вторник ќе почнат разговорите со СДСМ и мислам дека би требало да се има еден разумен пристап од двете страни и да се најде начин како да се затворат овие проблеми со кои се соочуваме, изјави во интервју за МРТ, премиерот Никола Груевски...

Кога станува збор за интерес на државата, подготвен сум да разговарам за се. Не би сакал однапред да кажам што е прифатливо, што не е прифатливо. Не би сакал да ги загрозам со ова интервју тие разговори кои следуваат. Мислам дека во вторник ќе почнат разговорите и мислам дека би требало да се има еден разумен пристап од двете страни и да се најде начин како да се затворат овие проблеми со кои се соочуваме, а коишто дојдоа после некои неразумни одлуки на опозицијата. Ова во интервју за централниот Дневник на јавниот сервис го изјави претседателот на владата, Никола Груевски, прашан за средбата со лидерот на најголемата опозициска партија, Зоран Заев, која треба да се случи во вторник.

Груевски истакна дека опозицијата има свое објаснување за случувајања и смета дека доволно беше кажано во минатиот период зошто СДСМ и нејзиниот претседател излезе на таков начин во јавноста.

„Сега подобро би се задржал на иднината- да се затворат прашањата кои и прават штета на државата. Ова нерационално однесување на СДСМ, сите знаеме, и тие самите знаат дека прави штета на државата. Намерата е да се седне да се разговара, така што во вторник почнуваат разговорите и се надевам дека во еден разумен период ќе најдеме начин како да се прекине правањето штета на државата и на сите граѓани во неа“, нагласи Груевски.

Премиерот смета дека веројатно ќе има неколку средби, и вели дека би бил изненаден ако на една средба се постигне успех да се затворат сите прашања.

„Не ми изгледа таква атмосферата од другата страна, инаку што се однесува до мене мислам дека до средби не ни мораше да дојде, проблемите се вештачки креирани од другата страна“, истакнува Груевски во интервјуто.