Ристовски: Граѓански устав би бил погубен за македонскиот народ
Претседателот на партијата „Интегра“, Љупчо Ристовски, носител на листа за пратеници од коалицијата „Храбро за Македонија“ ја побара довербата од граѓаните, за нивните пратеници во Собранието да бидат коректив, балансер на црвените линии на македонското национално единство...

Граѓански устав за земјава би бил погубен, затоа што македонскиот народ на тој начин би ја загубил државотворноста, вели претседателот на партијата „Интегра“, Љупчо Ристовски, кој е носител на листа за пратеници од коалицијата „Храбро за Македонија“. Тој ја побара довербата од граѓаните. Ги повика да гласаат за нив на 8-ми мај, кога се одржуваат парламентарните избори, за како што вели Ристовски, нивните пратеници во Собранието да можат да бидат коректив, односно, да бидат балансер на црвените линии на македонското национално единство.
Уставот не смее да се менува со закани и уцени
„Дајте ни ја довербата за да можеме да извршиме притисок врз ВМРО – ДПМНЕ, но и да ги охрабриме да опстојат на ставот дека не смее да се менува Уставот по ниту една закана, диктат, уцени и притисоци од било кои екстремизми, дали од Софија, Атина или од албанскиот екстремизам дома. ВМРО – ДПМНЕ, според нашите сознанија е изложено на сериозен притисок. ВМРО – ДПМНЕ, ќе нема сила да опстои на македонскиот национален стратегиски интерес доколку „Интегра“, македонска конзервативна партија како додадена вредност во коалицијата „Храбро за Македонија“ не е застапена во парламентот“, изјави Љупчо Ристовски, претседател на „Интегра“ и носител на листа во ИЕ3 на коалицијата „Храбро за Македонија“.
Црвени линии од кои нема отстапување
Според коалицијата „Храбро за Македонија“, во којашто се здружени ГРОМ, Интегра и партијата на Самка Ибраимоски, ВМРО-ДПМНЕ е изложена на притисок од меѓународната заедница, од ДУИ и од албанската опозиција во земјава. Оттаму велат, ако народот им ја даде довербата на изборите, тие ќе се борат за да ги зачуваат македонските национални интереси, Уставот да не се менува сè додека комплетно не се реши идентитетскиот корпус, да се постават црвени линии од кои нема отстапување.
Коалицијата „Храбро за Македонија“ ќе се заложи и за подобар животен стандард, подобра социјалната заштита, реформи во образованието, безбедносен систем, енергетика и инфраструктура.
Андријана Ѓурческа
