Ахмети: УЧК ја спаси Македонија
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети синоќа на митингот во Дебар порача дека ќе победат на изборите на 8-ми мај и дека тие ќе бидат легитимни претставници на огромното мнозинство Албанци во земјава. Тој ги повика граѓаните да гласаат за „Европскиот фронт“, бидејќи на тој начин ќе ја поддржат интеграцијата, а не изолацијата…

Да не се враќаме во минатото и да се огорчуваме поради тоа што викав „УЧК“, бидејќи Ослободителната народна армија во јавноста позната како УЧК е гордост за Албанците и ја спаси Македонија. Ова на митингот во Дебар го рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети при што порача дека нашата земја има свое место во Европа и дека сите заеднички треба да работат за остварување на таа цел. Ахмети притоа ја прокоментира изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека му испраќал емисари за да преговараат ДУИ да биде дел од владата.
„Христијан, во политиката влегов како востаник и нема да се откажам. Да се разбереме, народот ме гласа дваесет и две години. Јас формирав фронт со албанските политички партии, но го направив овој фронт непобедлив со вклучување на заедниците кои вие ги презирате, како што се турската, ромската и бошњачката“, нагласи лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
ДУИ и партиите во Европскиот фронт не сакаат конфликт
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети рече дека се трудат Уставот што го направиле да биде поблизок до граѓаните на Република Македонија да ги вклучи бугарската, египетската, црногорската и хрватската заедница, бидејќи се покажало дека Охридскиот договор и промената на политичко-правниот статус на Албанците не ја уништиле Македонија.
Ниту ДУИ, ниту партиите што се во Европскиот фронт не сакаат конфликт, ние имаме определба и цел да бидеме дел од европските вредности, да бидеме дел од европскиот економски систем, да немаме гранични бариери, рече Ахмети.
Сакаме да помогнеме да нема конфликт со бугарскиот сосед и без разлика колку се тие, нека бидат дел од Уставот, рече тој. Притоа, лидерот на ДУИ порача дека на 8-ми мај Европскиот фронт ќе биде победник на изборите и дека народот ќе одлучи кој ќе биде дел од владата.
Да не се прават грешките од 2006-та
„Опозицијата да не ги прави грешките што ги направи мојот поранешен колега во 2006-та, бидејќи тогашната партија за таа грешка плати висока цена. Ние Албанците не сме претставници на малцинство, ние сме легитимни претставници на огромното мнозинство Албанци, а сега во фронтот се и ромската, турската и бошњачката заедница“, нагласи Ахмети.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети исто така порача дека заедно мора да градиме мир, стабилност, иднина и да воспоставиме европски стандарди и да се бориме против криминалот и корупцијата. Тој во текот на вчерашниот ден остварил средби со жителите на Центар Жупа, Маврово и Ростуше при што уште еднаш ги повторил неговите заложби дека на Македонија местото и е во Европа и дека Европскиот фронт ќе биде победник, бидејќи покрај албанците во него се вклучиле сите заедници во земјава.
Сашо Нелоски
