ИЗРАЕЛ-ХАМАС

Блинкен: Хамас го доби израелскиот предлог кој е навистина великодушен

29.04.2024 13:52

Израелскиот предлог е великодушен, на ред е Хамас да одлучи, од нив зависи прекинот на огнот во Газа – американскиот државен секретар од економскиот форум во Ријад, почнува нова блискоисточна турнеја. Во обид да се оконча војната во Каиро продолжија преговорите...

Војната во Газа продолжи да доминира на Светскиот економски форум во Ријад. Американскиот државен секретар оттука ја почнува својата нова блискоисточна турнеја во обид да се оконча војната.

„Хамас го доби израелскиот предлог кој е навистина великодушен. Единственото нешто што стои меѓу луѓето во Газа и прекинот на огнот, е Хамас. Мора брзо да одлучат. Во однос на Рафах бевме јасни, сè уште не видовме план кој ни дава доверба дека цивилите можат ефективно да бидат заштитени“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.

„Каков било напад, за тие луѓе ќе биде катастрофа. Треба да дадеме се од себе и да ги поттикнеме двете страни да постигнат договор за прекин на огнот и да работиме на долгорочната цел за државно решение“, изјави Мостафа Мадбули, премиер на Египет.

Делегација на Хамас на разговори во Каиро, во Газа нападите продолжуваат

Делегацијата на Хамас замина на разговори во Каиро. Во Египет повикани и израелски претставници. Во Појасот Газа нападите продолжија. Приведени Палестинци на Западниот брег. Не изостана ниту препукувањето со Хезболах преку либанската граница. Францускиот министер за надворешни, од Бејрут повика на деескалација.

„Војната е веќе тука, во Јужен Либан, а цивилното население ја плаќа цената. Не е во ничиј интерес да продолжи оваа ескалација. Ја донесов и пренесов оваа порака овде и истата ќе ја пренесам и утре во Израел“, изјави Стефан Сежурне, министер за надворешни работи на Франција.

Не мируваат ниту Хутите во Црвено Море. Американската одбрана соопшти дека соборила пет дрона лансирани од Јемен.

 

Бојана Крстевски