Сузбивањето на корупцијата е приоритет за коалицијата „Вреди“
Коалицијата „Вреди“ на средби со граѓани во општините Чаир и Сарај. Истакнаа дека приоритет е сузбивање на корупцијата во јавните претпријатија, како и нивно враќање во рацете на граѓаните…

Обврзани сме да бидеме дел од идната Влада во која ќе водиме важни институции од секторот за внатрешни работи. Ова го изјави лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, чија партија е дел од коалицијата „Вреди“ на опозициските партии на Албанците.
Порача дека нивната коалиција е доследна на ставот за усвојување на уставните измени во конкретен рок, како и дека претседателот на државата треба да се избира во Собранието. Коалицијата „Вреди“, како што оцени Гаши, е гаранција дека уставните измени ќе бидат усвоени во идната Влада.
Отворена врата за останатите партии
Претседателот на Демократското движење и носител на листата на коалицијата „Вреди“ во првата изборна единица, Изет Меџити, пак, не даде конкретен датум кога би се отворил Уставот за внесување на Бугарите, ниту дали ќе остане нивниот услов за влез во Владата.
Меџити додаде и дека антиевропски настроена била Левица и со нив не сакале да влезат во коалиција. За другите партии, тој остава отворена врата, со став дека кој помалку, кој повеќе, сите се проевропски настроени.
За принципот победник со победник од 2008 година, или таканаречениот „Мајски договор“, вели дека ДУИ е партијата која го прекршила. За 8-ми мај очекува, како што кажа, убедлива победа.
Борис Грујоски
