Нови мерки за подобро здравство

22.06.2014 22:41

Меѓу новите мерки, Груевски најави дека лекарите коишто вршат трансплантации, независно какви, ќе добиваат посебен додаток за секоја извршена трансплантација, во висина од два празнични надоместоци...

На првата седница на новата Влада беа донесени повеќе одлуки поврзани со здравството, соопшти премиерот Никола Груевски во интервју за МРТ. Меѓу новите мерки, Груевски најави дека лекарите коишто вршат трансплантации, независно какви, ќе добиваат посебен додаток за секоја извршена трансплантација, во висина од два празнични надоместоци.

„Ова е поради тоа што работат исклучително ризична и тешка работа, особено кога станува збор за кадаверични трансплантации, бидејќи тие можат да се случат и во сред ноќ, за време на празници, викедни итн. Така што донесовме одлука и лекарите и помошниот персонал да имаат посбен надоместок“, нагласи премиерот Груевски.

Тој додаде дека е донесена одлука за ослободување од партиципација во здравството за секој донатор на органи и ткива. Подобрена е и одлуката за донаторите на крв, за кои и досега имаше пракса да не плаќаат партиципација кога се лекуваат. Сега со новата одлука, посочи Груевски, оваа пракса влегува во Закон, па донаторите на крв нема да плаќаат партиципација при евентуално нивно лечење.

Донесена е и уште една важна одлука, рече Груевски, а тоа е вршење на внатрешна евалуација на лекарите на најмалку 10% на нивните случаи од страна на друг лекар со исто или повисоко образование. 

„На пример, доколку некој лекар во помала средина, на пример во Кочани, Македонски Брод, Кичево или во друг град, врши за него малку посложена дијагноза, тоа да го прави во консултација преку „телемедицина“ со на пример лекар од Клиничкиот центар, специјалист за таа работа. Значи за најмалку 10% од нивните интервенции ќе мора да извршат консултација со поискусен или во ист ранг лекар, за да и тој потврди и потпише дека тоа што го прават, дијагностицираат или интервенираат е точно и прецизно. Тоа се светски пракси кои успешно функционираат во други држави и ние практично ги преземаме да ги воведеме во Македонија“, објасни премиерот во интервјуто за јавниот сервис.