Левица на средба со граѓаните на Битола
Ќе коалицираме со оној што ќе ги прифати принципите на нашата македонска платформа, порача лидерот на Левица, Димитар Апасиев...

На парламентарните избори очекуваме за 10 проценти поголема излезност, што ќе ни овозможи да освоиме од 8-12 пратеници и да бидеме клучот на идната влада. Ќе коалицираме со оној што ќе ги прифати принципите на нашата македонска платформа, порача лидерот на Левица, Димитар Апасиев.
„Имате три платформи кои се борат во фотофинишот на парламентарната кампања. Првата е тиранската зад која седат партиите од албанското малцинство. Втората е софиската каде главната улога ја играат најголемите македонски коалиции и третата е нашата промовирана македонска платформа во пет точки. Овој пат очекуваме поголема излезност за 10 проценти. Со тоа на нашето конто би легнале од 80-120 илјади гласови или од осум до дванаесет пратенички мандати, без кој тешко би се составила идната влада. Коалицирање е можно, но само доколку се прифатливи нашите начела порача од широк сокак, лидерот на Левица, Димитар Апасиев.
„Токму во Битола во изминатиот период Левица силно се спротивстави на софиската платформа. Затоа подаваме рака да помогнеме да не се донесат уставните измени и да се спротивставиме на сите уцени кои доаѓаат од надвор. Но ние сме и партија на младите и ќе се залагаме Битола на секое поле да го врати некогашниот сјај“, рече носителката на листата за пратеници во петтата изборна единица Јована Мојсовска.
По непосредните средби со битолчани, синоќа лидерот Апасиев, во општина Могила со своите сопартиции ја отвори новата канцеларија.
Стевче Митревски
