Избори 2024

Ахмети: Граѓаните имаат избор меѓу интеграција и изолација

30.04.2024 13:44

Во рамки на кампањата за парламентарните избори, претседателот на ДУИ и носител на листата со кандидати за пратеници во шестата изборна единица, Али Ахмети одржа средби со граѓаните на Јегуновце, Желино и Теарце. Тој пред граѓаните порача дека на 8-ми мај Фронтот победува и продолжува по патот до полноправно членство во ЕУ...

Сега имаме две филозофии, интеграција и изолација, за ова на изборите на 8-ми мај граѓаните ќе одлучат. Ние сме за мир, ние сме за стабилност, ние сме за најголема безбедност, ние сме за иднината, ние не сакаме да ја враќаме болната историја, на неа треба да се сеќаваме, но да не ни се повтори, да ја изградиме иднината, рече лидерот на ДУИ Али Ахмети. Нашата иднина е во ЕУ, нашата иднина е нула проблеми со соседите, да работиме како што сме работеле досега, како што го решивме проблемот со Грција, а како резултат на тоа станавме членка на НАТО, дополни тој.

Иднината е во Европската унија

„Ние сме си се определиле дека иднината на нашата држава е Европската унија, нема друга филозофија и теорија што може да го докаже спротивното. Не само што нема теорија и практика што може да ни го докаже спротивното, туку сè уште се немаат родено мажишта во оваа земја кои можат да не убедат во спротивното, и ние сме си ја поставиле целта под мотото: Да за ЕВРОПА и НЕ за Русија! На крајот на краиштата, татковината на сите Европејци е Медитеранот, тоа е Балканот, тоа се и териториите каде што живеат Албанците. Европа не може да биде мирна без земјите на Западен Балкан, времето и историјата докажаа дека мирот, стабилноста и безбедноста се трајни кога триумфираат на широки пространства, во многу земји и држави, затоа е последен момент за ова мало парче Европа да биде дел од него. Многу европски личности ни потврдија дека ако го направивте очекуваниот чекор, менувајќи го Уставот во рок од четири години, вие ќе бидете членка на Европската унија“, изјави Али Ахмети, лидер на ДУИ.

Одговорноста ја имаат двете најголеми заедници

Одговорноста за стабилноста, за ред и мир во оваа земја ја имаат двете најголеми заедници, Албанците и Македонците, затоа мора да бидеме внимателни и одговорни во она што го кажуваме, посочи Ахмети.

Јас гледам дека отпорот е голем, патриотски отпор од македонската опозиција, дека наводно се продаваат националните интереси и дека македонската нација е во опасност од асимилација и отуѓување. Зошто ја шират оваа застрашувачка порака до другите народи. Македонецот е Македонец, Бугаринот е Бугарин, Албанецот е Албанец, а не да го менуваат крзното според годишните времиња. Македонската заедница ќе се зајакне со вклучувањето на Бугарите во Уставот, а гаранција е Меѓународната заедница, Европската унија, САД, нема да има дополнителни барања од бугарска страна, ниту ќе има- додаде претседателот на ДУИ.

Талат Џафери од ДУИ пак истакна дека Европскиот фронт ќе победи на изборите на 8-ми мај и ќе добие максимален број гласови во шестата ИЕ.

Кандидатот за пратеник од ТДП која е дел од Европскиот фронт, пак Бејџан Иљаз, пред присутните истакна дека на 8-ми мај главниот збор во управувањето со државата ќе го има Европскиот фронт.

 

Зоран Димовски