Пендаровски: Да не дозволиме да се вратат темните делови од историјата
Денот на гласањето, граѓаните треба да ги имаат предвид интересите на нивните деца и внуци, личните и интересите на семејството, порача Пендаровски од митингот во Тетово. Тој ги прозва и ДУИ и Ахмети со скандирањето УЧК на митинзите да не дозволат да се враќаме назад во темните делови на поновата македонска историја. СДСМ секогаш како водилка го има интересот на државата, кажа во Неготино, Венко Филипче носителот на листата од ИЕ4...

Повикувајќи на 8-ми мај да се заокружи бројот 1, претседателскиот кандидат на СДСМ Стево Пендаровски порача од митингот во Тетово, дека на денот на гласањето, граѓаните треба да ги имаат предвид интересите на нивните деца и внуци, личните и интересите на семејството.
„Во овие пет години се трудев да бидам коректив на извршната власт и секој претседател на државата треба така да постапува“, кажа Пендаровски.
Ние во СДСМ ја плаќаме цената на тешките одлуки кои ги донесовме. Тешките одлуки од економската и енергетската криза ги почувствуваа граѓаните. Но, тоа не смее да не одврати од натамошен напредок на државата. Македонија мора да биде Европска земја, кажа Димитар Ковачевски, претседателот на СДСМ од митингот во Неготино.
Повисок стандард, подобро здравство, европско образование
Со 2,6 милијарди евра ги заштитивме граѓаните и бизнисите, ја сочувавме македонската економија. Потребен ни е повисок стандард, подобри услови во здравството, европско образование, да се избориме со корупцијата, да воспоставиме владение на правото. За ова да се постигне потребна ни е поддршка од ЕУ. Не им ја кратете Европската иднина на вашите деца. Тој ги прозва и ДУИ и Ахмети кои правеле голема грешка, со скандирањето УЧК на митинзите, и побара да не дозволат да се враќаме назад во темните делови на поновата македонска историја. Да се препукуваме со идеи и проекти, а на со закани и плашење.
„Глас даден за ЗНАМ е глас за ВМРО-ДПМНЕ“
Од митингот во Неготино, лозарите од Тиквешијата беа потсетени дека со два милиони евра биле обесштетени за неисплатениот откуп во сега пропаднатата Повардарие. Со донесените закони, лозарите за прв пат од годинава добиваат гарантирана, минимална откупна цена на винското грозје. СДСМ секогаш како водилка го има интересот на државата, кажа Венко Филипче носителот на листата од ИЕ4. Тој потенцираше дека глас даден за движењето ЗНАМ е глас за ВМРО-ДПМНЕ, глас за поделба на македонските социјалдемократи. Не наседнувајте на лажните патриотски приказни, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ нема донесено ниту една значајна државна одлука.
СДСМ е секогаш со народот и во време на кризи и на тешки времиња. Имаме историска одговорност пред гласачите да обезбедиме подобра, европска иднина, беше кажано од митингот во Неготино.
Петар Печков
