Силјановска-Давкова: Да изградиме регионална почит
Да изградиме регионална почит на Балканот, а од Македонија да направиме пристојно, европско катче за живеење, истакна барајќи ја поддршката од кумановци, кандидатката за претседател од ВМРО-ДПМНЕ. Нагласи дека мора да се запре заминувањето на младите од државата, но и да се стави крај на корупцијата и криминалот …

„Моите први заложби ако станам претседателка ќе бидат насочени кон дијалог со соседите. Време е ние на Балканот да изградиме регионална почит и патриотизам, да ги штитиме заедно интересите. Да го отфрлиме ветото“, истакна пред кумановци кандидатката за претседател од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Силјановска Давкова рече дека нејзина цел е од Македонија да направи пристојно, стандардно, европско катче за живеење. Потенцираше дека е важно да се задржат младите од различните етнички заедници, да не бегаат од државата. На 8-ми мај очекува „политички вулкан“, изјави Гордана Силјановска Давкова, кандидатка за претседател од ВМРО-ДПМНЕ.
Борба со аргументи, со дебати, со проекти
„Не смееме да ги подаруваме најдобрите од Македонија надвор. Треба да се бориме за нив. Борбата почна, се разбира со аргументи, со дебати со проекти и можете многу лесно да утврдите кој има програма и проекти, а кој нема ништо. Со ништо не се прави нешто. Овие луѓе се потрошени изморени од моќ и затоа не можат без неа-рече Гордана Силјановска Давкова, кандидатка за претседател од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Отпочнување фронт против корупција
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави отпочнување на фронт против корупција, проверка на имотот на судиите и јавните обвинители. Нагласи дека сегашната влада паѓа и дека сите ќе се соочат со одговорност. Потенцираше и дека ДУИ ќе завршат во опозиција.
„Ќе одговараат и затоа што Македонија ја донесоа на работ на сиромаштија. Тоа што 600 илјади наши сограѓани живеат со само 160 денари на ден. Тоа што имаме најголема инфлација во Европа, рекордери по криминал и индекс на мизерија. Но и ќе одговараат што ја одземаа државата и приграбија за себе. 100 души од ДУИ управуваат со сè во земјава“, истакна Мицкоски.
Носителот на пратеничката листа Мисајловски вети 250 милиони евра за капитални инвестиции во општините.
Капитални инвестиции во општините
„Пензионерите ќе добијат 5.000 денари линеарно покачување уште во првата година. Исто така планираме да отвориме 50 илјади нови работни места, ќе има учебник за секое дете и во основно и во средно образование. Ќе има 50 милиони евра директна поддршка во спортот“-нагласи тој.
ВМРО-ДПМНЕ повика на масивно излезност.
Елена Георгиевска
