Вработените во ФЗО на предупредувачки протест
Вработените во Фондот за здравствено осигурување излегоа на протест. Вчера Управниот одбор не донесе одлука за усогласување на нивните плати со минималецот…

Вработените во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) денеска излегоа на предупредувачки протест со барање за усогласување на платите со растот на минималната плата. На протестот пред ФЗО беше порачано дека доколку не им се исполни барањето, од 1-ви јуни ќе стапат во генерален штрајк.
Доколку до 15-ти мај не се преземе ништо, ќе започнат секој ден во сите градови од еден до два часа со предупредувачки протести, изјави Бранко Аџигогов, претседател на Синдикалната организација на ФЗО. Додаде дека станува збор за усогласување од 2.392 денари по лице и дека иако навидум делуваат како малку пари, се работи за законска обврска која мора да биде исполнета.
Од Фондот бараат да се донесе и вредносен бод, за да се зачуваат тие плати што ги имаат. Вработените исто така бараат Управниот одбор на Фондот да биде целосно разрешен и да биде поставен нов, затоа што тројца од членовите биле пензионери и со истечени мандати.
Пред три месеци, вработените во ФЗО штрајкуваа поради опасноста дека платите ќе им се намалат за 21 процент, меѓутоа Владата донесе одлука тие да останат непроменети по што штрајкот беше прекинат.
Денеска повторно протестираа и приватните специјализанти. За овие протести известува Наташа Јанчиќ- Менковски.
