Избори 2024

„Вреди“ нема да коалицира по секоја цена

30.04.2024 13:50

Коалицијата на албанската опозиција „Вреди“ нема да коалицира по секоја цена, туку ќе биде дел само од онаа влада којашто ќе биде европски ориентирана кон НАТО и кон Европската унија, став на лидерот на Демократското движење Изет Меџити. Од „Вреди“ велат дека единствената партија со антиевропско определување во Македонија во моментов е само Левица…

Коалицијата на албанската опозиција „Вреди“ има интерес да биде дел од влада којашто ќе биде европски ориентирана, став на лидерот на Демократското движење Изет Меџити, кој е носител на листата за пратеници во првата изборна единица. Тој вели дека не сакаат по секоја цена да бидат во влада којашто нема да биде европски настроена, а сметаат и дека партија со антиевропско определување во Македонија во моментов е само Левица.

Меџити со критика и за политичките опоненти од ДУИ и Европскиот фронт. Вели, тие постојано ги провоцираат и сакаат да предизвикаат инциденти, бидејќи, според него, само на тој начин може да ја дефокусираат јавноста од големиот пораз којшто ги очекува на изборите на 8-ми мај.

Критики до ДУИ

На денот на изборите имаше обид за бугарски воз во едно избирачко место во Општина Липково, реагираат од коалицијата „Вреди“. Велат, иако Општинската изборна комисија веднаш интервенирала, Државната изборна комисија овој настан не го зела в предвид. Од „Вреди“ обвинуваат дека од ДУИ продолжуваат со исто темпо во обидите по секоја цена да ги манипулираат изборите и резултатите од гласањето.

Продолжуваме со кампањата од врата на врата и со директни контакти со граѓани и целни групи, велат од коалицијата „Вреди“. Додаваат и дека во рамки на кампањата, разговараат со граѓаните за нивната програма и визија, но и ги слушаат нивните проблеми размислувајќи како да ги решат во следните четири години.

Марија Котовска