Зголемен бројот на деформитети кај децата во Виница

23.06.2014 10:58

Во Виница, секое трето дете на возраст од 6-12 години е со деформитети. Најчести се сколиозите. Лекарите ги лоцираат причините во неактивноста и во тешките ранци...

Секое трето дете на возраст од 6 до 12 години во Виница е со деформитет. Ова го покажа истражувањето направено на децата од основните училишта „Славчо Стојменски“ и „Гоце Делчев“ во Виница.

„Прегледани се 370 деца. Кај 230 се констатирани деформации , што значи кај секое трето дете. Од нив една третина се машки, а две третини женски . Најчести деформитети се искривувања на торакалниот дел на ’рбетот, сколиози што води до појава на грпка кај децата“, вели Владимир Павлов, кинезитерапевт.

Причините за нив лекарите ги посочуваат во преоптоваренста на ’рбетниот столб и неактивноста.

„Ги заборавија оние детски игри од времето,така што најголемите проблеми доаѓаат од оптоварување на дечињата со тешки ранци или седење пред компјутери“, објаснува д-р Лазо Киров, ортопед.

Најдобар начин да се исправат деформитетите и да се намалат последиците е корективната гиманстика, коај ја посетуваат се повеќе дечиња.

„На систематски ми кажаа дека ’рбетот ми е крив и оттогаш редовно доаѓам да вежбам“, вели Марија Петрова.

„Доаѓам четири пати во неделата да вежбам. Правиме различни вежби со тегови, со топка и слично“, вели Никола Костов.

Со оваа статистика, Виница е меѓу општините со најголем деформитет кај децата во државата. За споредба, државниот просек на деца со деформитети е околу 25%, а во Виница тој е над 30.

 

Оливера Жежова