Тошковски: Во најкраток рок ќе биде екстрадиран Љупчо Палевски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакна дека во најкраток рок ќе биде екстрадиран Љупчо Палевски откако денеска Министерството за правда соопшти дека е одобрена екстрадицијата од турските власти...

Во најкраток рок Љупчо Палевски ќе биде екстрадиран во Македонија. Во моментов се преземаат мерки за неговото спроведување-рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, од како Министерството за правда потврди дека е одобрена екстрадицијата од турските власти, бидејќи кај нив е завршен судскиот процес и административната процедура.
„Во текот на денешниот ден добивме информација од Секторот за меѓународна полициска соработка дека е одобрена екстрадицијата за предметното лице, со тоа што нашите полициски службеници се во комуникација со турските колеги и се очекува во наредниот период да утврдат сè што е потребно од аспект предметното лице кое е во прогон од страна на Обвинителството на РМ, да биде изнесено пред лицето на правдата“, изјави Тошковски.
Палевски ќе оди во притвор веднаш по неговото испорачување во земјава, согласно одлуката на Кривичниот суд.
По предлог на Основното јавно обвинителство-Скопје на осомничениот веќе му е определена мерка притвор која треба да започне да се применува веднаш по неговото испорачување, соопштија од ОЈО.
За екстрадицијата на Палевски се чекаше речиси пет месеци, откако беше уапсен во Баликесир, Турција на трети декември, од како по него беше распишана меѓународна потерница.
Марина Стојанова-Тонева
