Избори 2024

Апасиев: Македонска платформа за да запрат уцените од Албанците

01.05.2024 15:57

Нашите баби ги пуштаа своите деца да бидат партизани и така изградиле држава. Нема да дозволиме учките да ни ја земат, порача од митингот во Охрид лидерот на Левица, Димитар Апасиев. Сме си ја ставиле главата во торба кога се спротивставивме на учки, ДУИ, рекетари и мафијаши, но ние трчаме маратон, нашата борба е долга, рече тој.

Граѓаните на овие избори ќе одлучуваат за три платформи. Првата е Тиранската, каде што нема разлика дали се Европски фронт, ДУИ или ВРЕДИ, бидејќи тоа е необалистичка матрица која тежи кон разградување на државата. Втората е „софиската платформа“ која ја поддржуваат македонските буржоаски партии, одродената елита на СДС и ДПМНЕ, кои според нашите информации во првите 100 до 200 дена се договорени да ги внесат бугарите во Уставот. Ова, на митингот во Охрид го рече лидерот на Левица, Димитар Апасиев, при што на граѓаните им понуди македонска платформа со која конечно ќе запре уценувањето при составување на влада од страна на албанското малцинство.

„Очекуваме да го дуплираме минимум скорот од претседателските избори, затоа што така поддржавме независна кандидатка и тоа беше скор којшто горе-долу беше очекуван, но сега доаѓаат нашите главни избори. Тоа е на 8-ми мај и на 9-ти мај ќе славиме од 8 до 12 пратеници. Тоа се нашите реални очекувања“, рече лидерот на Левица, Димитар Апасиев.

„Со нас не се преговара за непринципиелни работи“

Кога во Охрид се отвораше фашистичкиот клуб „Цар Борис“, само Левица повика на протест кој граѓаните го поддржаа, а од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ немаше никаква реакција. Истото се случува и кога локалниот шериф од ДУИ, Нефи Усеини, гради дивоградби и ја урна плочата на АСНОМ, рече носителката на листата во 5-тата изборна единица, Јована Мојсоска.

„И сега кога е извесен колапсот на СДС и ДУИ тука од Охрид сакам да порачам дека ние имаме една реална коалиција каде што еден исти лик уште владее во Охрид, тоа е познатиот советник од ДУИ, Нефи Усеини. Ние во минатото сведочевме и единствено Левица реагираше на дивоградбата на Нефи Усеини“, рече Мојсоска.

Ниту сме во спрега со моќниците кои се поврзани со секоја власт, ниту сме уценети, затоа нашите политички непријатели знаат дека со нас не се преговара за непринципиелни работи, рече Мојсоска.

 

Сашо Нелоски