Процес

Палевски ќе биде екстрадиран во најкус можен рок

01.05.2024 15:00

По потврдата од турските власти дека може да почне неговата испорака во земјава, Љупчо Палевски ќе биде екстрадиран во Македонија во најкус можен рок, уверува МВР. Осомничениот за двојното убиство на малолетната Вања Горчевска и велешанецот Панче Жежовски сега е во екстрадициски притвор во Турција...

Во тајна операција Љупчо Палевски ќе биде екстрадиран во земјава, а јавноста за тоа ќе дознае откако ќе биде сместен во истражниот затвор, проценува безбедносниот аналитичар Љубомир Ѓурчевски. Објаснувајќи го протоколот за екстрадиција, поранешниот полициски началник, за МТВ вели дека тоа се прави за да се спречат евентуални заседи и да се гарантира успешност на процесот. Во трансферот, вели Ѓурчевски учествуваат посебни единици на МВР кои се обезбедени со сите заштитни средства, а осомниченото лице се спроведува врзано под максимално обезбедување.

Од МВР веќе потврдија дека разговарале со колегите од Турција околу трансферот, па е прашање на ден кога бегалецот од правдата ќе биде донесен дома.

За овој случај осомничени се уште тројца кои се во притвор. Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски е осомничен дека им помогнал на грабнувачите откривајќи им детали за движењето на неговата ќерка. Со одлука на Врховниот суд, Ѓорчевски е во куќен притвор.

 

Анита Димитријевска – Велковска