Синдикатите на протестен марш – колку повеќе не напаѓаат, толку сме посилни
Првомајски синдикален протест за повисок минималец, плати и работнички права. Барање да се врати исплатата на трошоците за храна и превоз. Црвен картон за Врховниот суд, колку повеќе не напаѓаат, посилни сме – порачаа синдикалците.

„Ние работниците“ - под ова мото на првомајскиот протестен марш, синдикатите ги испорачаа своите барања до идната власт. Минимална плата во износ од најмалку 450 евра во првите 100 дена од новата влада, исплата на трошоците за храна во висина од 20 проценти од просечната плата и исплата на трошоците за превоз, ограничување на работата на определено време во исклучителни околности и на максимум една година, право на неработна сабота и зголемена контрола на прекувремената работа, намалување на полното работно време на 35-часовна работна недела.
„Не чепкајте во колективните договори на работниците“
Од Конфедерацијата на слободни синдикати на Денот на трудот со директна порака до властите-не чепкајте во колективните договори на работниците. Тие не излегоа на протест зашто владата е техничка.
Не во голем број, но сепак гласни, македонските работници го кажаа своето. Времето ќе покаже дали оваа утопистичка парола, како на нивниот транспарент, може да стане реалност.
Миле Ристески
