Меџити: Намалување на стапката на невработеност, главната заложба на коалицијата
Во програмата на коалицијата „Вреди“ е наведено дека силно ќе се залагаат за правата на работниците и за намалување на стапката на невработеност. Нивните кандидати за пратеници денеска имаа средби со граѓани во повеќе населени места: Чаир, Гази Баба, Сарај, Долнени...

Во програмата на коалицијата „Вреди“ е наведено дека силно ќе се залагаат за правата на работниците и за намалување на стапката на невработеност. Нивните кандидати за пратеници денеска имаа средби со граѓани во повеќе населени места: Чаир, Гази Баба, Сарај, Долнени, каде што ги претставија своите програма и идеи.
Интензивни контакти со синдикатите
„Да се намали стапката на невработеност е главната заложба на коалицијата Вреди“, рече носителот на листата во првата изборна единица, Изет Меџити, кој смета дека е тоа главната причина зошто младите заминуваат од државава. Тој нагласи дека се во интензивни контакти со синдикатите за да се остварат правата на работниците.
Меџити посочи дека се соочуваат со постојани провокации од Европскиот фронт предводен од ДУИ, чијашто цел била да се дефокусира јавноста. Тој смета дека изборите не се фер и демократски, бидејќи имало поткуп на гласови и притисоци.
„Приоритет на албанската опозиција е да биде дел од идна влада“
Кандидатот Меџити рече дека приоритет на албанската опозиција е да биде дел од идна влада, која е ориентирана кон Европската унија и НАТО. Сепак, Меџити рече дека во овој момент, фокус на коалицијата „Вреди“ се кампањата и средбите со граѓаните. Тој рече дека не треба да се враќаме назад во минатото и оти главните наративи во кампањата треба да бидат економскиот развој, запирањето на миграцијата на младите, борбата против криминалот и корупцијата и правењето исчекор во евроинтегративните процеси.
Ана Јосифоска – Тодоровска
